Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), поддржано од проектот финансиран од Европската Унија – MAINLAND, кој го споведува Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), во Битола ја одржa втората регионална работилница за подигнување на свеста за консолидација на земјоделско земјиште кај земјоделците и сопствениците. На трибината учествуваа земјоделци, претставници од регионалните канцеларии на МЗШВ, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, претставници од локалните власти во регионот. Учесниците се информираа за принципите и постапките за консолидација на земјоделското земјиште, во согласност со соодветниот закон и во насока на спроведување на Националната стратегија за консолидација на земјиште 2012-2020 година. Локалните земјоделци и сопственици на земјоделско земјиште дознаа повеќе за претстојната селекција на најпогодни области за консолидација на земјиште и како да изразат интерес за новите проекти за окрупнување на парцелите во наредните неколку недели.
Наташа Љубецкиј Ангелиќ заменик тим лидер на ФАО во проектот MAINLAND, вели дека консолидацијата на земјиштето е долготраен процес и овозможува зголемување на ефикасноста на земјоделското производство, потенцирајќи дека проектот Маинланд ќе биде поттик за земјоделците да ги решат имотно – правните проблеми.
Во изминатите три недели, сектори и подрачни единици на МЗШВ, како и советници од Агенцијата за развој и поттикнување на земјоделството (АПРЗ) беа обучени како да ги идентификуваат и селектираат најпогодните области за консолидација на земјоделско земјиште и како да работат заедно со земјоделците и сопствениците на земјоделско земјиште при изразување на интерес за локални проекти за консолидација на земјоделско земјиште.
Веќе една година се спроведува консолидацијата во катастарската општина на селото Егри, битолско. Славе Стефановски земјоделец од с Егри се надева дека овој проект ќе успее. Во битолското село Егри се консолидираат 330 ха земјоделско земјиште.
Основната идеја е да се окрупнат расцепканите парцели земјоделско земјиште, со што ќе се зголеми конкурентноста на земјоделското производство и да се подобрат условите за живот во руралните средини со одржливо користење на природните ресурси.
Наредните регионални работилници се закажани за 9. и 14. ноември, во Струмица и Штип, по што проектниот тим, заедно со претставници на МЗШВ и АПРЗ, ќе спроведе локални информативни состаноци во целните села, за да им помогне на потенцијалните кандидати да аплицираат како корисници на проекти за консолидација на земјиште.