На прашањето на Радио Пела „ Дали и кои мерки ги презема Владата за намалување на инфлацијата и ценовниот шок„ премиерот Ковачевски посочи на фактот дека инфлаторните движења во сите европски држави се идентични и тие произлегуваат од зголемената цена на енергенсите на светските пазари, од зголемените цени на храната но и од зголемените цени на суровините, со што дополнително се зголемува цената на транспортот и на производствените трошоци на преработувачката индустрија во секој сегмент.
Тој дополни дека е во постојаната комуникација и координација со Министерството за финансии и Народната Банка за соодветно адресирање на инфлаторните движења преку фискалната политика, кои ги вклучуваат и 26-те мерки кои опфатија намалување на даноците, односно на приходите на државата, со цел да се намали ценовниот притисок, односно да нема зголемување на цените на електричната енергија, на горивата и на основите прехранбени производи. Сепак, тој посочи дека уште две недели во сила ќе биде мерката за ограничување на маржите на основните прехранбени производи во трговијата на големо и на мало. Дека се прават анализи како да се ре-моделира оваа мерка која беше донесена да спречи ценовен шок во Македонија, но и дека не сака да се случи владините мерки да влијаат негативно врз работата на приватните компании кои произведуваат храна.
„ Сега секојдневно во Министерството за финансии се прават анализи до кога тие мерки се издржливи и на каков начин ќе бидат модифицирани со оглед на тоа што не смееме да ги доведеме производствените капацитети во ситуација да мора да работат со загуби бидејќи во тој случај ќе станат неликвидни и до сега одлично се менаџира тој процес“
Премиерот Ковачевски ги посочи и останатите мерки како што е планот за зголемување на производството на храна во државата, во чии рамки веќе се доделува државно земјиште за дополнително производство на жито во државата.
„ Ме радува што на повикот за дополнителни 6.000 хектари имаше дупло поголем број на побарување од страна на земјоделците. Ги зголемивме субвенциите за производство на стратешки култури бидејќи во изминатите 30 години ова производство беше напуштено. Како држава да се вратиме на основните прехранбени суровини, односно да произведуваме жито, јачмен, сончоглед, она што секоја држава го прави особено во услови на криза бидејќи тоа се културите кои што се најмногу потребни и кои што нашите земјоделци знаат добро да ги произведуваат“, нагласи премиерот Ковачевски.
Тој потенцираше дека се воведени дополни субвенции за зголемено производство на жито и други стратешки култури и за прв пат од осамостојувањето е предвиден аванс за исплата на субвенции, односно пред отпочнување на работите, тогаш кога најмногу им е потребно на земјоделците, а остатокот ќе се добива согласно со планот за исплата на субвенциите.