Тутунарите се во очекување на исплатата на субвенциите за предаден тутун од ланската реколта, пари потребни за новото производство. Најавите од ресорното министерство и Платежната агенција првично беа дека исплатата ќе започне од втората половина на месецов, па поради тоа започнаа одредени непроверени информации во врска со стартот на подмирувањето на тутунарите за државната финансиска поддршка.
Во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, сеуште не се пристигнати списоците на предадениот тутун од ланската реколта од 5 компании. Ова е причината поради што сеуште не стартува подмирувањето на субвенциите кон тутунарите, вели Киро Неделковски, претседател на Сојузот на здруженија на тутунопроизводители.
– Субвенциите не се исплаќаат, ние како Сојуз стапивме во контакт со Платежната агенција од каде не информираа дека сеуште 5 компании немаат доставено списоци за откупен тутун по класи. Ги замолуваме компаниите што побрзо да го направат тоа затоа што парите се обезбедени и од Платежната агенција ги чекаат податоците за да отпочне исплатата. Се надеваме дека следната недела ова пролонгирање ќе биде надминато и субвенциите ќе почнат да стигнуваат на сметките на тутунарите, вели Неделковски.
За ланската реколта од регистрираните 9 откупни компании, на терен откуп вршеа 8 претпријатија, што во рамките на законскиот рок беа откупени вкупно 23.559.122 килограми тутун, со просечна откупна цена од 217,60 денари за килограм. Откупениот тутун е во целост исплатен. Согласно Програмата за финансиска поддршка во земјоделството, се воведе нов модел во три нивоа за субвенционирање на тутунот, со што е опфатен и тутунот од реколтата 2017.
Во очекување на исплатата на субвенциите започна расадопроизводството за новата реколта, а до крајот на месецов откупните компании склучуваат договори со производителите. Новите откупни цени за актуелната реколта сеуште не се познати, а тутунските здруженија бараат во споредба со лани цените да бидат за 20 отсто повисоки, согласно зголемените производни трошоци.