Громот удрил на терасата од куќата, ако комшијата не ги свикал, живи ќе изгореле седуммина од четирите куќи зафатени од пожарот кој се случил нешто пред полноќ на улица Кузман Шапкарев. Пожарникарите пристигнале веднаш по пријавата 13 минути по полноќ, но не можеле да интервенираат бидејќи на ЕВН им требало 35 минути да ја исклучат струјата. Соседот наспроти, прв забележал и ги повикал комшиите да излегуваат од куќите бидејќи куќата гори:
-Јас седев кога видов дека удри гром, огнот брзо се ширеше. Ја свикав веднаш пожарната која што дојде можи за 3 минути, отидов да ги разбудам луѓето. За 30 секунди сите 4 куќи беа зафатени, за 30 секунди сето беше пепел. Струјата не можеа да ја исклучат, пожарникариве чекаа… За страмота, може 40 минути чекаа пожарникарите, не можеа да интервенираат под напон, инаку можеби едната куќа ќе беше спасена, вели соседот Гоце Петрески.
Повредени нема, а траумата и шокот од несреќата сеуште се присутни велат станарите:
– Овде сме четири фамилии и сега остануваме без дом за живеење. Ве молам сите граѓани што сакаат да ни помогнат да ги изградиме домовите, сите сме од ниска класа, вели Пецо Илиески.
Се случи трагедија која што на никој не би му ја посакале. Идиш и гледаш дека цела куќа ти е во пламен, од нигде никаде. Се враќаш на спомени и си замислуваш дека цело детство, цела младост, и се’ ти пропаднало, а веќе немаш кров над глава. Сите сме овде кој по двајца, кој на некого му е починат сопругот, сите сме фамилии кои се бориме да врзиме крај со крај и се’ мачиме сами за да постигниме нешто во животот.
Апелираме до сите хумани граѓани, до сите институции, од централната власт, локалната самоуправа и сите други правни лица доколку можат на било каков начин да ни помогнат зошто реално ваквата помош ни е најпотребна, кога остануваш без ништо, значи буквално без ништо, вели Марина Илиеска.
Семејствата со голема благодарност до пожарникарите кои како што велат направиле се’ што можат и покрај тоа што под ризик интервенирале до доаѓањето на екипа од ЕВН за исклучување на електричната енергија.
„Примена е пријавата 13 минути по полноќ, веднаш интервениравме со 2 противпожарни возила и 6 пожарникари. За кратко време стигнавме на лице место. Пожарот беше во распламтена фаза и фактички беа опожарени 4 објекти поврзани еден со друг и целиот кров, беше во пламен. Имаше опасност и во стамбената зграда, побаравме помош за дополнителни возила и екипи. Вкупно ангажирани возила се 10 со 17 пожарникари.
Имеше одредено каснење од екипата од ЕВН, околу 25 минути. Првично не беше возможно да се гасни под напон од електрична енергија, зашто е сепак ризично, по нивното исклучување веднаш работевме на гасење на пожарот. Се работи за голем објект, четири домаќинства остануваат без кров над главата. Беше ризична и опасна ситуација, вели Златко Наумоски, командир на одделение при ТППЕ Прилеп.
Во пожарот повредени нема. Итната медицинска помош им укажала помош на станарите.