Препознатлива по квалитетните производи, но и по бројните донаторски акции компанијата Комфи Ангел продолжува со хуманитарните иницијативи. Една од заедничките неколкугодишни продажни акции на производите со хуманитарен карактер е и денешната во соработка со ООУ Климент Охридски, односно за подобрување на условите на воспитно образовниот процес во посебните паралелки во ова училиште. Јоргани, перници, разни видови постелнина од Комфи Ангел во центарот на Прилеп беа на распродажба, а дел од средствата наменски ќе се искористуваат.
– Комфи Ангел како општество одговорна компанија по 4 пат го организира овој хуманитарен настан со ООУ Климент Охридски и оваа акција е намената за паралелката за деца со посебни потреби. Дел од средставата ќе бидат наменети за тие дечиња со цел да им обезбедиме подобра иднина и подобро школство. Се надевам дека ова ќе прерасне во традиција и секоја година, зошто да не и два пати година да се организираат вакви акции за кои што е тоа потребно, вели Филип Велески менаџер за продажба во Комфи Ангел.
Целта е да им се обезбеди подобра иднина на децата од посебните паралелки во ООУ Климент Охридски.
Досега, на хуманитарната иницијатива во организација на Комфи Ангел се продаваат во просек од 4 до 5 илјади парчиња постелнина, перници, душеци, јоргани е се она што е дел од производството на компанијата.
– Во ООУ Климент Охридски во посебните паралелки настава посетуваат околу 40 тина ученици со посебни образовни потреби. Реализацијата на наставата во тие паралелки ја обавуваат наставници, дефектолози кои се искусни и сериозно посветени на воспитно – образовниот процес. Но, за жал при реализацијата на овој вид на настава освен наставниот кадар, наставните планови и програми потребни се и квалитетни, односно специфични наставни средства и помагала кои што ние како воспитно образовна установа не секогаш можеме да ги обезбедиме. И затоа и во оваа прилика ние сме исклучително благодарни на компанијата Комфи Ангел која што со денешната продажба на нивни производи еден дел од тие средства ќе бидат наменети за потребите на паралелките со посебни образовни потреби за да набавиме дел од тие нагледни средства и помагала, рече Зоран Србиноски директор на ООУ Климент Охридски.
Акцијата на плоштадот Методија Андонов Ченто во Прилеп започна од 9 и траеше до 17 часот, при што како и секогаш предизвика огромен интерес, на задоволство на купувачите, но и за припомош за обезбедување на нагледни средства за посебните паралелки во училиштето.