Традиционално првата недела од месец октомври се одбележува како Светска недела на детето. Во рамките на одбележувањето на Детската недела, илјадници деца од цел свет учествуваат во разни настани и активности, а прилепските дечиња од ОУДГ Наша иднина-Прилеп беа во посета на ДНУ – Прилеп.
Во името на Друштвото за наука и уметност – Прилеп дечињата ги поздрави и домаќин им беше членот на друштвото, Тодор Алексоски, кој им прочита фрагменти на дечињата од неговата книта „Секој се смее на ист јазик“, книга со македонски поговорки, мудрости и изреки, а дел од членовите на Клубот на литературни творци Прилеп ги поздравија дечињата со пригодна програма: Андриана Ристеска како Претседател на Клубот на литературни творци Прилеп, Цеца Видова Трајческа, Весна Шереметкоска и Менче Кадинец како членови на Клубот, а неколку детски песнички од прилепски автори прочитаа Тамара Насеска и Илина Тодороска, исто така членови на Клубот на литературни творци Прилеп. Дечињата сето тоа го “впиваа“ со големо внимание и интерес.
Целта на настанот одржан по повод Неделата на детето е создавање на интеракција меѓу писателите и децата, доближување на литературните творби до најмладите, запознавање со убавината на пишаниот збор и неговото пренесувања до читателската публика, велат домаќините.
„Децата, се најчести во фокусот на книжевниот свет. Тие се инспирација и мотивација за творештвото, но и се најверната публика. Само потребно е информирање на најмладите, да ги поттикнеме да креираат, да размислуваат, да творат и да бидат љубопитни, да прашуваат за да најдуваат одговори..“ велат од ДНУ – Прилеп и Клубот на литературни творци – Прилеп,чии членови уживаа во друштото со најмладите.
Оваа дружба остана овековечена со убави спомени, насмевки и фотографии, но и ветување за идна заедничка средба.