5.4 C
Прилеп
петок, 15 ноември, 2024
Пела Радио

По примерот на Идризово, прилепскиот затвор ќе добие работилница за изучување на занаети

Осуденици во Казнено поправниот дом Затвор Прилеп ќе бидат вклучени во изучување на занаети и доквалификација за вклучување на пазарот на трудот по издржување на казната. Целта на иницијативата е нивна полесна адаптација во средината и ресоцијализација. Проектот го спроведува  Центарот за граѓанска иницијатива, во рамките на проектот „Пост – пенална програма за реинтеграција, рехабилитација и ресоцијализација на осудувани лица“, финансиран од ЕУ.  Се спроведува со Казнено поправниот дом Прилеп, Меѓуопштински центар за социјална работа, јавниот правобранител, обвинителство, бизнис секторот, како и многу други релевантни страни кои се вклучени во самата програма за ресоцијализација и интеграција.

Проектот ќе се одвива во неколку компоненти, како што вмрежувањето на осудените лица со приватниот сектор кој после излегувањето од отслужувањето на казна затвор, потоа опремување на еден кабинет, браварска работилница со ИТ опрема со цел осудените лица кои се при крај во отслужувањето на нивната казна да може да се обучат и да станат поконкурентни на пазарот на трудот по излегувањето и отслужувањето на казната и да може веднаш да се ресоцијализираат и да се вклучат во општествениот живот. Исто така е важна и соработката – вмрежувањето со различните институции кои што придонесуваат за еден заеднички пристап со цел подобра реинтерграција и ресоцијализација, посочи Даниела Цветаноска – проектен координатор.

Идејата за проектот произлегла од реалната состојба според која процентот на повратници во казнено поправните домови е прилично висок. Од бизнис секторот вклучени се неколку фирми, а во текот на реализација на проектот во наредните 3 години, идејата ќе биде презентирана на повеќе работодавци. Браварската и ИТ работилницата ќе биде сместена во Казнено поправниот дом Затвор Прилеп.

– Како резултат на соработката со Советот на Европа и ЦГИ произлезе и овој проект кој што за нашиот КП Дом е од извонредно значење. Целта на постоењето на КП домови е токму тоа – ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица. За жал претходното искуство со затворот во Идризово, каде таа работилница создавала голем број на производи и давала голем број на услуги, денес тоа го нема. Овој проект е нов почеток за осудените лица да се подготвуваат за нивното излегување од затворот и да станат дел од нашата заедница. Искуството говори дека интересот од страна на осудениците за вклучување со работен анганжман за време на отслужување на казната е голем. Имаат можност да се стекнат со разни вештини и знаења, се стекнуваат со работни навики и дел од нив по излегување од затворот почнуваат да се занимаваат со истите професии,рече  – Сашо Дамески – директор на КПД Затвор Прилеп.

Во моментов во прилепскиот затвор има земјоделска економија во која што осудените лица се ангажирани, а слично е и во неколку други КП домови во Македонија. Во браварската и ИТ работилница во Прилеп ќе бидат вклучени до 10 лица, претежно лица кои се осудени на затворен третман без можност за користење погодности за излегување од затворот.

– После настанатата криза со Ковид 19 бизнис секторот се соочува со голем проблем за обезбедување на квалификува работна сила. Исселувањето на младите лица во странство е дополнителен проблем. Така што ние како работодавачи, како приватен сектор преку овој проект ќе овозможиме нови вработувања за нивно полесно прифаќање во општеството, вели Маја Илиеска, од приватниот сектор.

Меѓуопштинскиот центарот за социјална работа има надлежност и за работа со затворениците и по издржување на казната. При што Центарот работи и со затворениците и со нивните семејства.

– Нашата улога со лицата кои издржале казна затвор, особено оние кои чии што семејства се во тешка финансиска состојба е да не бидат оставени во една ранлива положба. Треба да се види дали семејството каде се враќа лицето е корисник на гарантирана минимална помош, дали да се вклучи, ако е корисник да биде вклучено, ако не да бидат корисници на гарантирана минимална помош. Во соработка со АВРМ да се направи проценка на членовите на домаќинството кој е најдобро вработливиот член и на самото лице кое ја завршило казната затвор да му се даде можност за негова преквалификација и доквалификација и негово поуспешно и побрзо враќање на пазарот на трудот, вели  Дејан Тошески – директор на Меѓуопштински центар за социјални работи Прилеп.

Проектот започна од јули годинава, а ќе се спроведува 3 години. Целта е овој пример да го следат и останатите КП домови во Македонија.

Би можело да ве интересира

Иконостасот во црквата “Св. Благовештение “ се распаѓа, а „тие“ водат битка за докажување кој повеќе се грижел за културното наследство

Елизабета Филипоска

Крушево се штити од коронавирусот

Елизабета Филипоска

(ВИДЕО) Прилепските советници донесоа одлука за прераспределба на средства од буџетот за тековната година

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе