Во рамките на Отворените денови граѓаните на општина Прилеп и денеска имаа можност да се запознаат со предвидените проекти за наредната година, но и да приложат идеи за развој на општината преку директен контакт со градоначалникот и претседателот на Совет на оштината.
Најголем интерес од граѓаните за развојната програма на општината за наредната година бил пројавен за инфраструктурни проекти, за кои како што посочи градоначалникот Борче Јовчески интензивно се работи.
Пратеникот од редовите на ВМРО ДПМНЕ и носител на пратеничка листа од 4 тата изборна единица Александар Николоски при посетата на Прилеп, посочи дека во Прилеп следната година нема да има неасфалтирана улица. Воедно, тој ја повика Владата да не кочи, туку да ги одобри општинските обврзници. Инаку општина Прилеп веќе е извесно дека ќе реализира проекти од областа на локалната инфраструктура, реконструкција и асфалтирање на улици, кружни текови и доуредување на влезовите од Крушево, Македонски Брод и кон Плетвар.
Николоски одговараше и на новинарски прашања: дали има и кои се алтернативните решенија за обезбедување на потребните средства во општинските буџети, за што рече дека има можност средствата да се обезбедат преку комерцијалните банки, но тоа би значело понеповолни услови со оглед на актуелните каматни стапки.
Во однос на прашањето дали партијата би ја искористила можноста за прашањето за општинските обврзници во пооделни општини, меѓу кои и Прилеп да оди на референдум, Николоски посочи:
Во однос на рефендумите јас секогаш ги поддржувам и мислам дека граѓаните секогаш треба да го кажат своето мислење за ова што го правиме овие два викенди. И тука е јасна разликата помеѓу нас и СДСМ и ДУИ и тука јас не гледам дека буџетите се креираат заедно со граѓаните, еве во соседна општина Кривогаштани и во соседна општина Долнени. Во однос на референдум, јас мислам дека е добра опција за воведување на референдум и за градоначалници. Зошто да не?! Затоа што градоначалниците секако имаат избор кој што е директен, секако од граѓаните, но после тоа контролните механизми се помали со одредени други функции, така што не би било лошо да го ископираме германскиот модел каде што граѓаните би можеле да разрешат градоначалник на референдум, посочи Николоски.