11.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

(ВИДЕО) Изготвена пост пенална програма за рехабилитација, реинтеграција и ресоцијализација на осудени лица

Работното тело „Мрежа на институции“ ја подготви програмата по која ќе се работи со осудените лица неколку месеци пред нивното изглегување од затвор и прилагодување на надворешната средина, сместување, вработување и одржување на семејните врски. Во рамките на проектот Пост – пенална програма за интеграција, рехабилитација и ресоцијализација на осудени лица во реализација на здружението Центар за граѓанска иницијатива од Прилеп, работното тело составено од претставници на Казнено поправниот дом Прилеп, од Центарот за социјална работа Прилеп, приватен сектор, јавен сектор како и невладини организации ја дефинираше генералната програма, по чии што насоки ќе се изготвуваат индивидуални програми за осудените лица. Ова е прва од ваков вид програма изготвена во Македонија со цел да се намали рецидивот (повторување на делото) и полесно прилагодување на осудените лица во надворешната средина.

– За време на овој период додека истите лица се наоѓаат на издржување на казната затвор со оваа програма им се овозможува стекнување на вештини и дооформување на образование бидејќи најголемиот број на лица кои што се на издржување казна затвор или немаат воопшто образование или пак немаат докомплетирано. За таа цел ќе биде комплетирано нивното образование и стекнување на вештини во институцијата во Казнено поправен дом Прилеп наредниов период ќе бидат изградени 2 работилници и тоа ИТ работилница за стекнување на вештини во ИТ секторот на осудените лица, како и браварска работилница за стекнување на вештини и продолжување со работа после издржувањето на казната затвор во овој сектор. Исто така по однос на лицата кои што имаат сопствени знаења и имаат свои идеи ќе им биде овозможено добивање на гранд за самовработување заради тоа што по издржувањето на казната да можат да отворат сопствен бизнис. Воедно, на лицата им се овозможува и период на прилагодување, со тоа што во временски период од 3 месеци ќе им биде обезбедено сместување, како и плаќање на основните трошоци кои што ги имаат за време на овие 3 месеци, а исто така имаме и најбитниот момент на психосоцијален третман на лицата додека се наоѓаат во казнено поправната установа како и по излегувањето. Тоа значи дека психологот кој што е ангажиран во овој проект за истиот овој период работи и со лицето и со семејството за полесно прилагодување и одржување на семејните врски и односи понатаму, рече Талија Петреска, експерт за пост пенална програма за ресоцијализација на осудени лица.

Тим од психолизи ќе работат уште за време на издржувањето на казната со лицата кои ќе се вклучат во програмата, а ќе се работи и во излегувањето од затвор.

– Два месеца пред истекот на казната почнува подготовката на таа индивидуална програма која што ги содржи сите оние компоненти што ги има и општата програма, а тоа е: психолошка проценка, проценка на семејните врски, работните интереси, вештини, состојба на домување, финансиска состојба…Потоа, врз основа на тие активности од една страна, а од друга страна силите и потенцијалите кои ги поседуваат овие осудени лица се прави таа индивидуална програма и се работи во надворешниот свет. Со овие психосоцијални интервенции се продолжува и во надворешната средина каде што се работи не само со лицето, туку и со неговото семејство со цел да се зацврстат тие семејни врски, а исто така и подобро интегрирање како во семејството така и во надворешната средина, вели Гордана Мојсоска, психолог.

Воедно, бизнис секторот е заинтересиран за вклучување во проектот, уште за време на одржување на обуките во работилницата и потоа со вработување на лицата.

– Како претставник од приватниот сектор го поддржуваме овој проект и сакаме да помогнеме за после издржувањето на затворската казна на осудените лица ние им нудиме вработување. На оваа иницијатива се вклучуваат и многу повеќе компании кои што го поддржуваат овој проект, со цел да се овозможи поголем број на вработувања, вели Маја Илиеска, од приватниот сектор.

Овој начин на работа со осудените лица и нивна ресоцијализација го има во повеќе држави, но е прв проект кај нас. Според искуството во тие држави оваа пост – пенална програма дава големи резултати особено во намалување на бројот на рецидивизми во казнено поправните установи.Проектот за Пост – пенална програма за интеграција, рехабилитација и ресоцијализација на осудени лица во реализација на здружението Центар за граѓанска иницијатива од Прилеп, ефинансиран од ЕУ и се спроведува во период од 3 годиниод јуни 2022 до јули 2025 година. Во завршна фаза се активностите за изградба на работилниците во Казнено поправниот дом во Прилеп, каде ќе се одвиваат обуките за осудените лица.

Би можело да ве интересира

Македонски Австралијанец и Литванка ќе се тркаат за македонски Евросонг

Гордана Цветаноска

(ВИДЕО) Петминутното врнење на град направи штети на тутунот, бостанот, градинарските култури…

Елизабета Филипоска

„Маркови Кули Трејд„ крадел вода – ЈКП „В и К„ оштетено за 44.200 евра

Елизабета Филипоска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе