11.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

При онлајн купување проверете контакт податоци и намалете го ризикот!

Купопродажбата преку интернет е во голем залет и покрај ризиците кои ги носи онлајн трговијата за граѓаните. Едноставниот начин за порачување на производи и нивна достава до дома, сеуште имаат предност иако, зачестени се лошите искуства во поглед на квалитетот на производите, неможноста за вршење замена на производите, достава надвор од утврдениот рок, неможноста да се оствари повторен контакт со продавачот најчесто поради недостапност или блокирање на страницата од која се продавале производите.

„Често се случува производите да се различни кога ќе пристигнат кај граѓаните, отколку оние претставени на фотографијата, проблем е и неиздавањето на фискални сметки, фактури или гарантен лист при доставувањето на производите. Заради ваквите негативни искуства во изминатиот период граѓаните интензивно пријавуваат онлајн измами, особено кога станува збор за производи кои се продаваат преку користење на социјалните мрежи“, велат од ДПИ.

Пазарниот инспекторат може да постапи само доколку пријавата е поднесена за трговец кој е регистриран и издава фискална сметка, бидејќи фискалната сметка служи како доказ при постапувањето од наша страна.

„Доколку трговецот за кој се однесува пријавата не е регистриран ние како институција немаме надлежност да постапуваме. Најчесто оние кои продаваат преку социјалните мрежи не се регистрирани, па заради тоа е невозможно да се пронајдат ниту, пак, да се постапи во согласност со поднесената пријава. Дополнително, кога граѓаните вршат нарачки од меѓународни веб продавници известуваме дека ДПИ нема надлежност над други меѓународни пазари надвор од територијата на Македонија за да може да презема мерки за решавање на таквите претставки“, додава Инспекторатот.

Државниот пазарен инспекторат е надлежен за онлајн измами според Законот за е-трговија и тоа според член 7, односно за да може да постапи, трговецот треба да е регистриран на адреса поинаква од домашната, бидејќи пазарниот инспекторат нема надлежност да врши надзор во домашен односно приватен имот.

Регистриран онлајн трговец значи лесно, директно и постојано достапни најмалку следниве информации: име, односно фирма на давателот на услугата, седиште на правното лице, давател на услугата или адреса доколку е физичко лице, податоци за давателот на услугата врз основа на кои примателот на услугата може на директен и ефикасен начин да стапи во контакт со него, вклучително електронската адреса, трговскиот регистар во кој е внесен давателот на услуги и бројот на неговата регистрација или еквивалентните средства на идентификација во тој регистар, кога давателот на услугата е заведен во трговски или друг соодветен регистар, податоци од надлежниот орган, доколку давателот на услугата подлежи на обврска за издавање на лиценци или друг вид на одобренија и даночен број ако давателот на услуга е обврзник на ДДВ.

Понатаму, потребни се и податоци за институцијата кај која е регистриран давателот на услугата, професионалниот назив и земјата во која е стекнат тој назив, упатување на професионалните правила во земјата во која ја врши дејноста и начинот на пристап до нив. Ако давателот на услуги на онлајн услуги ги наведува цените на производите и услугите, тие треба да бидат наведени јасно и недвосмислено, особено треба да се наведе дали во нив се вклучени трошоците на испорака, даноците и манипулативните трошоци кои имаат влијание на наведената цена.

Би можело да ве интересира

Во чест на светски познатиот научник д-р Анастас Коцарев, одбележување во Париз

Гордана Цветаноска

Во општина Кривогаштани ќе се изведува дезинсекција против комарци

Гордана Цветаноска

Прекин на водоснабдувањето на повеќе прилепски улици

Пела Редакција

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе