Во театарот „Војдан Чернодрински“ се подготвува претставата „Пипи долгиот чорап“ од Астрид Линдгрен, во режија на Кристина Димитрова. Драматизацијата на популарниот текст е на Ивана Нелковска. Ова е самостоен проект на театарот „Војдан Чернодрински“, а премиерата ќе очекува набрзо. Димитрова вели дека како театарски режисер често размислувала кои книги, претстави, серии и филмови и се допаѓале како дете и дека тоа е размислување довело до тоа „Пипи долгиот чорап“ да и биде најголемата инспирација.
-Ми се допаѓаше се што беше необично и неконвенционално. Ми се допаѓаа волшебните светови, патувањата во далечните земји и апсурдниот хумор. И бидејќи мисе допаднаа сите овие работи, мојата најголема инспирација е „Пипи долгиот чорап“.Затоа решив да ја поставам на мојата матична сцена, театарот „Војдан Чернодрински“. Всушност претставата ќе говори за слободата, авантурата,
незавиноста и големата детска фантазија. Најмладите ќе имаат можност да проследат интересна претстава, со многу музика, во која на сцената ќе бидат пренесени згодите и незгодите на Пипи и нејзините необични авантури. Тоа ќе биде возбудливо едночасовно патување кадешто најмладите ќе почувстуваат дека се оставруваат сите нивни соништа. Ќе се насмеат и ќе се забавуваат – вели режисерот Димитрова.
Ќе играат Ангела Наумоска, Наташа Ачански, Димитар Ѓорѓиевски, Александар Тодески и Михајло Миленкоски. Сценографијата ја работи Бојана А. Трпческа во соработка со Петко Ристески, костимите Христијан Нашуловски, а за музиката е задолжен Томе Темелкоски.
„Пипи долгиот чорап“ e светскa детска класика, преведена на околу осумдесет јазици и дијалекти, а авторката Астрид Линдгрен се смета за една од најпознатите писателки на детски книги ширум светот.