11.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Вкусот на овошјето и зеленчукот не го определува изгледот

Често се вели дека убавината е во очите на набљудувачот. Но, кога станува збор за овошјето и зеленчукот, една третина од нив не ни стигнуваат до полиците за намирници, бидејќи завршуваат во ѓубре на нивниот пат од фарма до продавница. Додека супермаркетите имаат голема улога во сето ова, и ние мора да ја испитаме нашата свест кога станува збор за ова прашање. Дали би избрале овално јаболко во мат боја или совршено заоблено сјајно јаболко? Едното од овие две дефинитивно е подобар избор за поубава Instagram фотографија, но на крајот, и двете имаат подеднакво добар вкус и еднакво ја задоволуваат вашата глад.
815 милиони луѓе остануваат гладни секојдневно, додека во светот 1/3 од она што е произведено се губи или завршува во отпад. Во случајот на овошјето и зеленчукот, речиси половина (45%) отпаѓа на загуби. Во светот во кој живееме, во услови на зачестени екстремни временски настани и промени во климата, заштедата на наизглед грдите плодови не е само прашање на етика, туку и прашање на ресурси. Вредни природни ресурси се користат за производство на храната која ја фрламе. Потребни се 13 литри вода за да се одгледа 1 домат и 50 литри вода за да се произведе еден портокал. Дополнително на тоа, потребни се семиња, почва, труд на земјоделците, како и гориво за транспорт на храната. Сите овие ресурси се загубени кога плодот на овие вложувања е загубен.
Отпадот може да се случи на многу начини и во различни делови на вредносниот синџир. Да ги слушнеме приказните на морковот, бананата и компирот.

Приказната на морковот
Морковот честопати се соочува со многу пречки пред да стигне до супермаркетите. Тој мора да помине низ строгите барања што ги имаат супермаркетите за овошјето и зеленчукот на нивните полици. Понекогаш, морковите мора да поминат и преку фотографски сензорни машини кои ги анализираат за естетски дефекти. Ако се малку свиткани, не се светло портокалови, имаат дамки или се скршени, тие се преместуваат во купот наменет за добиточна храна, иако сеуште се погодни за исхрана на луѓето. Вкупно околу 25-30% од морковите не стасуваат до продавниците поради физички или естетски недостатоци. На зелените пазари или во локалните продавници, продажбата на моркови може да ги заобиколи некои од строгите естетски стандарди што ги имаат супермаркетите, но дали вие би купиле морков со неатрактивен изглед?

Приказната на бананата
Бананите се особено кревок плод. Дури и ако стигнат до продавниците за храна или на пазарите, поради начинот на кој се наредени или спакувани, може лесно да се оштетат. Грубото чување може негативно да влијае на изгледот на бананите и често предизвикува нивно побрзо расипување. Потрошувачите, пак, вообичаено не сакаат да купуваат производи што се презрели, меки, без свежа боја или оштетени. Притоа, еве еден совет за вас: ако имате намера да го јадете овошјето истиот ден, купете ги зрелите плодови. Ако никој не ги избере, тие ќе завршат во ѓубре, наместо во нечиј стомак.
“Сè има своја убавина, но не секој ја гледа” (Конфучие)

Приказната на компирот
Одредени земјоделски производи, како компирот, трпат големи загуби кога се обработуваат во други видови на храна. На пример, компирот што е наменет за помфрит, може да заврши во ѓубре во моментот кога треба да се исече на ленти. Овие ленти лесно се кршат во фазите на обработка и пакување. Скршените парчиња често се фрлаат, бидејќи обично е поевтино да се отстранат, отколку да се вратат во процесот на обработка. Други компири кои се физички оштетени во фазата на утовар или транспорт, се исклучуваат пред да стигнат во фабриката за пакување. Развој на пазарите за “не-стандардни” производи, како што се оштетени компири, но сепак безбедни за консумирање, хранливи и вкусни, е еден од начините за намалување на отпадот од храна или загубите предизвикани од грешки во процесирањето, пакувањето или транспортот.

Дали знаете? Потребни се 50 литри вода за да се произведе еден портокал. 815 милиони луѓе остануваат гладни секојдневно, а климатските промени се повеќе предизвикуваат штети во земјоделството. Заштедата на ‘грдото’ овошје и зеленчук не е само прашање на етика, туку и прашање на ресурси. @Џианг Хонгуан / shutterstock.com
Поголемиот дел од овој отпад може да се спречи. Избирање на наизглед грди производи, правилно складирање на овошјето и зеленчукот и јадење на она што веќе го имате во вашиот фрижидер пред да купите ново, се само дел од работите што секој од нас може да ги направи во секојдневниот живот за да создадеме свет #БезГлад и да придонесеме во борбата против климатските промени. Направете простор во вашите срца за наизглед грдите плодови, за тие да полнат стомаци, а не депонии.

Би можело да ве интересира

Важно потсетување од Авто Контрол до фирмите кои превезуваат стока и патници

Пела Редакција

Два часа без струја ќе останат компании кои работат во поранешна фабрика Партизанка

Кои се 10 прилепски компании кои оствариле најголем профит во 2023 година?!

Пела Редакција

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе