Самоиницијативно за време на паузата група здравствени работници од прилепската болница денеска излегоа на протест. Бараат точна официјална информација кога ќе биде исплатена јануарската плата и кога ќе се реализира ветеното зголемување од 2 000 денари за средно медицинскиот персонал.
Ние здравствените работници, а и целиот персонал вработен во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Прилеп, секојдневно ги извршуваме нашите обврски, грижа и третман на нашите пациенти. Но, за жал сме приморани денеска на овој начин да го изразиме нашиот револт и игнорантскиот однос кон нас и вработените во здравството. Еве веќе еден период немаме никаква информација од соодветен претставник за сегашните случувања. Имајќи ги предвид дека во здравството како систем и во здравството работи персонал кој зема минимална, или основна плата, кај кои што уште потешко се изразени овие проблеми, тие едвај сврзуваат крај со крај имајќи го во предвид и влијанието на институциите, банките кои бараат да си ги наплатат своите обрски, а нема од каде. Така што проблемот е сериозен и мора да се дојди до информација и на крајот до решение.
Исто така проблемите се во континуитет што се однесува до средно медицинскиот персонал, за кој што беше ветувано зголемување на платата од 2 илјади денари, минатата година, па имаше и закажан протест во ноември, а и тој беше прекинат, така што и тоа и тоа не е реализирано, посочи др Гоце Јонѕоски во изјавата за медиумите како претставник од групата на здравствени работници.
Инаку, Синдикатот на здравствените работници денеска има официјални преговори со надлежните околу исплатата на платите. Доколку не бидат исплатени до крајот на денов, најавен е штрајк во сите болници и во Клиничкиот центар Мајка Тереза. Последните информации говорат дека Фондот за здравство го стави системот во функција и од утре почнува исплатата на боледувањата и породилните отсуства.
Системот на Фондот за здравство се врати во функција по хакерскиот напад од 6 февруари.