Во театарот „Војдан Чернодрински“, утре, на 9 март,четврток, од 18.00 ч. премиерно ќе биде изведена претставата „Пипи долгиот чорап“ според текстот на шведската авторка Астрид Линдгрен во драматизација на Ивана Нелковска, а во режија на Кристина Димитрова.
Во претставата играат Ангела Наумоска, Наташа Ачански, Александар Тодески, Димитар Ѓорѓиевски и Михајло Миленкоски. Музиката е на Томе Темелкоски, сценографијата на Бојана Артиновска Трпческа, а костимографија и дизајн на плакатот на Христијан Нашуловски.
Пипи е најневообичаеното и најсилното девојче во светот. Таа ја живее слободата во буквална смисла и во исто време значи дека се втурнува и во многу опасни и непредвидливи ситуации. Пипи е лик од фантазијата на секое дете кое замислува авантури и патешествија и кое не сака да ја ограничи својата фантазија на реалниот свет. Такви деца во претставата се Томи и Аника, тие сакаат да бидат заедно со Пипи и вистински да ја искусат авантурата надвор во непредвидливиот и опасен свет.Во текот на нивното патување со помош на Пипи растат и ја осознаат важноста на тоа што го имаат во својот безбеден дом. Тие знаат дека Пипи секогаш ќе биде блиску до нив, дека тој бестрашен и предизвикувачки дух секогаш ќе ги инспирира за нови игри, но во исто време ги учи дека треба да бидат подготвени, свесни и одговорни за постапките кои ги превземаат. Импулсивните и непромислени решенија можат да доведат до страшни и безизлезни места. Во текот на нивното истражувачко патешествие се среќаваат со различни луѓе и ситуации, со слаткари, доктори, полицајци, циркузанти и крадци кои ги инспирираат, предизвикуваат или ги плашат како што е во вистинскиот живот надвор од конфорниот и заштитен дом.