Денешната 25 та седница на Советот на општина Прилеп беше една од најобемните со 52 точки на дневниот ред. Стартот на седницата го одбележа предлог одлуката за почеток на постапката за задолжување на Општината со општински обврзници, која разбирливо предизвика најголем интерес и дебата кај советниците. Со свое експозе на овој предлог се обрати градоначалникот Борче Јовчески, образложувајќи ја потребата од општински обврзници. Според Дејан Проданоски, претседател на Советот, овој начин на задолжување е единствениот извор на финансирање, најдобар како алтернатива и со најниски каматни стапки, со кој што би можело да се реализираат ветените проекти од предизборната програма.
Со оваа одлука која денеска Советот ја донесе се почнува постапка со која што низ сите филтри, низ сите надлежни институции би се проследувале информации за солветноста на Буџетот на Општина Прилеп. И со која што постапка ќе побараме емисија на градски обврзници во висина од 5 милиони евра. За оваа сума на средства се предвидени да се изработат 3 клучни проекти, оние проекти кои што како владеачко мнозинство и како градоначалник ги предведовме во нашата предизборна програма. Но, со оглед на околностите во кои што ги поминавме овие година и неколку месеци на власт овде во општина Прилеп сметаме дека ова е единствениот извор на финансирање со кое што би можеле да ги завршиме овие проекти кои што ги дадовме како ветување пред нашите сограѓани.
Во одлуката се поместени 3 проекти: кружниот тек за изведба на мостот на градската река Табана, понатаму пробивање и целосно конструирање на улицата Победа која што би значела една важна артерија за поврзување на тој дел од градот и влезот од Македонски брод. Тоа се три проекти, капитални, сериозни, кои што би имале одлична функционалност, би значеле и олеснување на пристапот, односно на секојдневниот живот на нашите граѓани, посочи Проданоски.
Според претседател на Советот на општината, Проданоски ова е само почетна иницијатива, бидејќи во понатамошните чекори општината и општинската администрација во следниот период ќе треба сериозно да поработат да ги спремат сите пропратни документи согласно Законот за издавање на вакви обврзници. Институционално ќе следат околу 17 точки, во период од 5 до 6 месеци, за конечно Владата да донесе одлука дали ќе одобри емисија на вакви обврзници или хартии од вредност, со кои што општината треба да приходува средства за изработка на проектите.
Советниците на СДСМ и Коалицијата изнесоа низа аргументи заради кои, како што рекоа, градоначалникот Борче Јовчески и ВМРО-ДПМНЕ треба да се откажат од намерата за издавање обврзници со кои долгорочно ќе ги задолжат граѓаните со сума која заедно со каматите, ќе достигне над 7.5 милиони евра.
„Уште од првичната најава на градоначалникот Борче Јовчески за издавање на обврзница, ставот на советничката група на СДСМ и Коалицијата беше јасен и принципиелен: издавањето на обврзница од 5 милиони евра, која заедно со каматите ќе ја достигне сумата од 7.5 милиони евра, е крајна неодговорност и лудост!
За изградба на инфраструктурни објекти од типот на кружни текови и улици, Општината треба да изработи проекти со кои ќе аплицира во домашни и странски институции и фондови, посочи координаторката на советничката група, Моника Грашеска – Илиеска.
На денешната седница беа разгледани 25 точки за утврдување на урбанистичко планска документација поврзана со легализација на бесправно изградени објекти. Советниците донесоа одлука за завршните годишни сметки за 2022 г. на ЈКП Водовод и канализација, ЈОУДГ Наша иднина, ЈОУ Дом за стари лица Киро Крстески Платник, ЈОУ Градска библиотека Борка Талески, како и на неколку средни и основни училишта. Советот даде согласност за изведување на научно образовни екскурзии на основните училишта.