Во прилепската локална самоуправа се формираше локалното младинско собрание кое ги делегираше и членовите за првиот локален младински совет. Ова е обврска на локалната самоуправа со Законот за младински активизан и младински политики од пред три години.
-Денес е конститутивната седница на локалното собрание на млади. Младите се иселуваат и она што може општината да го направи е да ги сослуша младите, да ги вклучи во активностите и тие да бидат дел од одлуките и процесот кој го води општина Прилеп. Досега младите беа само индиректно вклучени во креирањето на општинските политики. За првпат директно се вклучени со свои претставници. На тоа упатува законската рамка на Законот за млади и младински политики. Во тој процес се неколку фази. Следна фаза ќе биде формирањето на локален младински совет и она што најмногу ги интересира младите е формирање на Младински центар. Ова тело е од советот на општината, зашто советот на млади е советодавно тело на општинскиот совет, изјави Гоце Бумбароски, советник за млади при локалната самоуправа.
Младите сметаат дека со ова се отвора можност да дебатираа, носат предлози за подобрување на опшественото живеење на младите .
-Моментално состојбата на младите е речиси – никаква. Младите се иселуваат, овде не наоѓаат услови за живеење, немаат доволно забава. Едноставно, не можат да го живеат оној младешки живот кој треба да го живеат. Овде сме за да може да го подобриме тој процес. Ни недостасува забава, културно издигнување, места каде може да се собираат младите, да се дружат, а не да седиме дома и да „ висиме“ на социјалните мрежи- вели Филип Стојаноски од извидничкиот одред „Феникс“ .
Може да се каже дека за младите нема никаков простор каде може да го поминуваат своето време, да ги изразуваат талентите, каде да организираат настани. Затоа, наша цел на локалното младинско собрание ќе биде да ги подобриме овие недостатоци, посочи Елена Николоска од невладината „Детска амбасада за сите деца во светот“.
Во првото локално младинско собрание членуваат претставници од невладини, од младински организации, кои ќе се заложат за подобрување на животот на младите и нивно директно учество во одлучувањето во локалната самоуправа.