Ресорната министерка за труд и социјална политика Јованка Тренческа која беше денеска изврши увид на објектот на новата градинка во населбата Точила, посочи дека со испорачување на инвентарот министерството ја исполнило обврската во предвидениот рок, така што со корегирање на забелешките кои ги имаат архитектите, до крајот на летото градинката ќе може да биде отворена.
– Опремата е стигната и по задолжувањата што се дадени од архитектите и на тимот од детска заштита при Министерството до општина Прилеп, верувам дека до крајот на летото ќе може да ја отвориме градинката, да се коригираат сите оние недостатоци кои се забележани. Опремата е донесена, кујната е подготвена, така што, и со оградата која е неопходна и е согласно со стандардите, верувам дека ќе може да ја отвориме градинката до крајот на август. Во меѓувреме до Министерството ќе мора да се достави нова систематизација со потребниот персонал, да се усвои и да се добијат потребните согласности за да се ангажираат воспитувачи, негуватели и цел неопходен персона. Верувам дека во предвидениот рок ќе се добијат одобрувањата на министерствата, рече Тренческа.
Новата градинка ќе згрижува 252 деца од претшколска возраст. Во зависност од систематизацијата, планирани се околу 35 нови вработувања за потребите на овој нов капацитет во рамките на ЈОУДГ Наша Иднина Прилеп. Камен темелникот на новата детска градинка во Точила беше поставен во април 2021 година, а тогашната локална власт вети дека ќе биде завршена со градба за 7 месеци. Воедно, Општина Прилеп изработува проект и за уште една градинка со што целосно би се надминал недостигот од капацитети за згрижување на децата од претшколска возраст.
-Оваа градинка е од големо значење за Прилеп и е со голем капацитет. Ние изработуваме проект и за друга градинка која во наредната година веројатно ќе влезе за аплицирање во Министерството за труд и социјална политика. За оваа градинка останува да се отстранат недостатоците на кои архитектот укажа, во што спаѓа оградата околу градинката што опфаќа дополнителни 2 милиона денари. Во тек е исплатата на ратите за изградбата на градинката што е инвестиција на Општината, рече Јовчески.
И Градоначалникот Јовчески посочи дека новата детска градинка во населбата Точила ќе биде ставена на располагање во тековнава година. Потребно е да се испочитуваат административните чекори за систематизацијата на работните места, за која согласност треба да даде ресорното министерство, а потоа и Советот на општина Прилеп.
Прилепското граѓанско здружение „Мултимедиа Прес„,веќе неколку месеци преку граѓанска инцијатива „Информирај се-делувај за промени!“ делуваше за подигнување на јавната свеста, за мобилизирање на заедницата за иницирање доизградба на детската градинка во нас. „Точила“- Прилеп, како проект ветен од локлната власт. Тие поттикнаа на поголема гласност кај заедницата за поголема транспарентност и отчетност на институциите , потенцирајќи го значењето и потребата од згрижувачки капацитети на деца од предучилиштна возраст во општина Прилеп.