Со поддршка на Регионалната мрежа за културна разновидност – РЕАД (Regional Network for Cultural Diversity – READ), во издание на Лаг Агро Лидер, излезе од печат книгата „Не кажувај никому“ од турската авторка Гонџа Озмен.
Гонџа Озмен е една од најпознатите и највпечатливите турски поетеси од нејзината генерација. Родена во Бурдур, Тефени во 1982 година. Нејзината прва песна објавена е 1997 година во книжевното списание Varlık и веднаш била прогласена за „поетеса на која треба да се обрне внимание во иднина“ (Младински награди Јашар Наби Најир).
„Не кажувај никому“ е прва книга на Озмен објавена на македонски јазик, а нејзината поезија преведувана е на англиски, германски, француски, шпански, словенечки, италијански, романски, персиски, грчки и хебрејски јазик. За своето потеско творештво е добитничка на бројни награди за поезија.
РЕАД проектот го спроведува Гете-институт Скопје во соработка со пет партнерски организации од балканските земји.
Препевот на македонски јазик го направија Наташа Забрчанец и Звонко Димоски, дизајнот на корицата е на Емилија Малезан, додека поговорот е на акад. Катица Ќулавкова.
„Не кажувај никому“ е третата објавена и поддржана публикација во рамките на едицијата „Балканска женска поезија“, чиј уредник е Звонко Димоски. Претходно беа објавени „Мајка ми знае што се случува по градовите“ и „Денови со полна месечина“ од српските авторки Радмила Петровиќ, односно Витомирка Требовац.
СЕНКА
Во пожолтено трпение човек зјапа понекогаш
Како би можело да изгледа човечкото пожолтено трпение
Човек понекогаш оди во маслинови градини
Ги храни коњите, ги гали завесите
Понекогаш се случува и јазик да умре
Мравка да се насмевне исто така се случува понекогаш
Еден збор заминува и пронаоѓа друг
Во својата лушпа се повлекува оревот
Еден инсект одеднаш си го заборава звукот
Вечерта скришно во градината
Така тајно во градината
Вечноста расте и расте
Светот не ни припаѓа нам, туку на сенките