3.4 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Tеатарската магија распослана на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Од првиот момент кога Собранието на фестивалот ме избра за уметнички директор и претседател на собранието, почнав да ја креирам сопствената визија за тоа како сакам овој фестивал да личи. Со фестивалот растев, од фестивалот го учев и засакував театарот, за фестивалот се градев во својата професионална област. За мене Прилеп секогаш ќе биде првата слика за фестивалот и
фестивалот ќе биде првата слика за Прилеп. Затоа нема многу да ги користам зборовите, се надевам овие емоции на благодарност ќе дојдат до секој еден од вас што помогна да ја остварам мојата визија. Сите предизвици, несогласувања, прилепскиот инает, емотивниот поетски крик во мене, сериозниот театролог, трпеливоста на професорката, се претопуваат во благодарноста и радоста што сме денес овде – рече синоќа Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот
„Војдан Чернодрински“ во Прилеп на платото пред Центарот за култура „Марко Цепенков“.

Театарџии, бројна прилепска публика, почитувачи на театарската уметност дојдоа заедно да се одбележи почетокот на 57. издание на фестивалот.
На официјалниот дел одлично предвестие беа живите статуи на „Театроск“ и настапот на скомрахите во изведба на студентите на Факултетот за драмски уметности од Скопје. На свеченото отворање му претходеше отворање на ретката родокрајна изложба на фотографии од важни стари изданија, како и дела од Коле Чашуле, автор во фокус на фестивалот. За важноста на оваа трајна поставка зборуваше директократа на библиотеката „Борка Талески“, Моника Талеска, а Стојаноска истакна колку е важно да им оддаваме почит на големите роднокрајни автори како
што е Чашуле. Стојаноска им се заблагодари на Министерството за култура и до министерката за
култура, до градоначалникот на општина Прилеп и сите служби кои излегоа во пресрет.

-Посебно сакам да се заблагодарам на господинот Филип Ивановски и на „Пакомак“, затоа што од оваа година ќе почнеме фестивалот да го освестуваме еколошки, па понатаму и да го доразвиваме во оваа насока. Им благодарам на сите спонзори и пријатели на фестивалот – истакна таа.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која не присуствуваше лично, но со свој говор ги поздрави присутните и го прогласи фестивалот за отворен.

– Овде на „Чернодрински”, преку вашето творештво вие го развивате уметничкиот талент на нашата мајковина и татковина. Отворате социјален дијалог и ја кревате свеста за важни прашања од нашето заеднички битисување. Токму затоа, заради македонското творештво, Министерството за култура, во соработка со Фестивалот „Војдан Чернодрински“, со цел збогатување на фондот на драмски текстови од македонски автори, отвори посебен конкурс за избор на три необјавени и
непоставени македонски драмски текстови. Во оваа пригода сакам да упатам искрени честитки до селекторката на Фестивалот, Ана Стојаноска и до целиот фестивалски тим, кои со своите многубројни идеи, посветеност, ентузијазам и визии за развој на оваа многу значајна театарска манифестација воведоа неколку новитети – вели Костадиновска-Стојчевска.

 

Од вечерва во наредните 7 дена ќе уживаме во најактуелното во театарот. Ќе добиеме различни пораки, кои не се сомневам дека маестрално ќе ни ги пренесат. Фестивалот е насушна потреба и за Прилеп и за Македонија, во овој град секогаш ќе има место за театарот. Фестивалот е бренд на нашиот Прилеп – истакна градоначалникот Борче Јовчески.

Емотивни и благодарни за укажаната чест, лауреатите на животно дело Петар Темелковски и Петар Мирчевски ù се поклонија на прилепската публика.

-Сум рекол многупати, а особено тоа го сфатив кога додека бев уметнички директор на фестивалот, дека прилепчани си го чуваат фестивалот како во кожурец. Сите заедно сте заслужни за оваа голема театарска манифестација која во оваа вечер со голема гордост и успех зачекорува во вториот дел од своето столетие и се надеваме дека сите години ќе бидат волку убави. Или како што рекол Цепенков: Да бидете здрави и живи, да сме здрави дур сме живи, да сме живи дур сме здрави! – рече Темелковски.

Во моите 43-4 години професионална актерска дејност, сум имал можност многупати да настапам на овој фестивал и најголем впечаток ми останува тоа што публиката што доаѓа знае кога како и каде да реагира, истакна Петар Мирчевски.

-Да не бевте вие, публиката, немаше ниту ние да бидеме тоа што сме. Затоа ве поздравувам, уште долго да трае и на вас публиката длабоко ви се поклонувам.

Прва претстава од официјалната програма на фестивалот синоќа беше изведена „Нема струја за електричниот стол“ на Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес. Актерите Васил Зафирчев и Исидор Јованоски ја освоија публиката која ги награди со стоечки аплаузи.

 

Би можело да ве интересира

Заборавеното книжевно културно наследство преточено во „Семејните библиотеки во Прилеп“

Гордана Цветаноска

Младите во Прилеп ќе учат вештини за полесно да се вработат (ВИДЕО)

Пела Редакција

Енергетски ефикасното осветлување на Крушево му обезбеди големи заштеди

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе