3.4 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Ден на независната продукција што игра македонски автор на фестивалот „Војдан Чернодрински“

Три претстави од независната сцена, една дипломска претстава и промоција на книга ќе бидат на програмата на третиот фестивалски ден на „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Во 11часот ќе биде проморана книгата „Две интерактивни драми“ од Милорад Павиќ, во превод на Марио Стојаноски. За книгата ќе зборуваат драматургот Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, актерот Томислав Давидовски и преведувачот Марио Стојаноски. Еден час подоцна ќе продолжат разговорите на тркалезната маса, денес со екипата на претставата „Мистерија Буфо“ на Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, која синоќа доби стоечки аплаузи од публиката.

Во 17 часот ќе гостува „Под.готвено“ во режија на Дејан Спасовиќ, а продукција на „Ракатрак.“ во „Монарка гастробар“. Во претставата играат Слаѓана Вујошевиќ, Биљана Драгичевиќ-Пројковска и Нина Елсезер. Претставата е работна според текстови на: Едвард Олби, Ѓоко Здравески и Елизабета Баковска. За сценографијата се погрижи Мартин Манев. Костимите се на Емилија Ивановска Атанасовска.
Во 19 часот на сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе гостува Мировна акција со претставата „Заминувања“, колективно авторство во режија на Драгана Гунин. Четири актерки, два јазици, иста болка е можеби наједноставното објаснување на оваа претстава. Сместена во еден меѓупростор меѓу минатото и сегашноста, „распната“ меѓу личното и туѓото, претставата комуницира со публиката на неколку нивоа. Улогите ги толкуваат: Емилија Мицевска, Мелика Кастрати, Симона Димковска, Афродита Џафери.

Во 20 часот ќе гостува „Театар за сите“ со претставата „Скопјани“ во режија на Милош Б. Андоновски во ресторанот „Македонска куќа“. Станува збор за колективно авторство и драматизација на раскази од збирката „Улиците што ги нема“ на Оливера Ќорвезироска. Улогите ги играат: Ангела Стојановска, Филип Христовски, Нина Елзесер, Виктор Велевски, Јанка Лефкова, Христијан Поп-Симонов, Ангела Стојановска. Претставата е резултат на истражувачки и експериментален процес во кој актерската екипа, разработувајќи ги расказите на Оливера Ќорвезироска, споделува и лични приказни, доживувања и искуства од градот Скопје; ги преиспитува и ги бара одликите на денешните скопјани и духот на денешно Скопје.
Еден час подоцна во театарот ќе биде изведена дипломска претстава на студентите од Факултетот за драмски уметности од Скопје со претставата „Сакатиот од Инишман“ од Мартин Мекдона. Во претставата игра класата на проф. м-р Мими Таневска-Србиновска и асс. м-р Ангелчо Илиевски.
На вториот фестивалски ден беше отворена првата тркалезна маса на која учествуваа актерите Васил Зафирчев, Исидор Јованоски, драматургот Сашо Димоски и композиторот Сашко Костов, кои се дел од тимот на претставата „Нема струја за електричниот стол“. Плодна дискусија и интересни прашања произлегоа од присутните, од членовите на жирито на фестивалот, од режисери, новинари, критичари. Модератор на дискусијата беше Јована Ѓорѓиовска од Гледај.мк.
За учесниците на тркалезната маса оваа дуодрама е суров судир со стварноста.
Исидор Јованоски, актер во претставата рече дека многу помага што се слушавме и се разбиравме.
-Тоа нѝ дава и да се радуваме на играта и влијае на креацијата во претставата. А тоа е најбитно, зашто ако не уживаш, ако не се радуваш и ако не креираш како актер, тогаш нема да се унапредиш себе си.
За актерот Васил Зафирчев, дуодрамата е исклучително тежок жанр.
-Дуодрамата е како да игра еден актер, особено во овој тип на драматургија која се занимава со лцето и наличјето на иста паричка. Пратично е еден ист човек, зашто станува збор за две спротивставени страни на секој од нас. Ние во животот многу лесно осудуваме осуденик или жртва, и многу лесно пресудуваме. Претставата буди интроперспективен процес и секој гледач се бара себе си. Театарот е за да отвори прашања, а не да нуди одговори, рече Зафирчев.
Композиторот и изведувач на музиката во живо во претставата Сашко Костов смета дека тоа го означува третиот актер во претставата.
-Создавањето музика во живо е многу добра работа за претставата. Особено што и актерот, во секоја избедба има различен ритам на работа, па музиката го следи тоа. Тоа мене ме правеше буден во целата претстава, и навистина е големнапор, рече Костов.На разговорите на тркалезната маса стигнаа коментари со пофалби за изведените сегменти во претставата на сите чинители.
Димоски се осврна на драмата на Александар Секулов, водечки автор во Бугарија, а избедбата во Велес беше трето поставување по премиерата во Бугарија и САД.
Театарот од Прилеп ја одушеви публиката со изведбата на „Мистерија Буфо“ според Дарио Фо, во режија на Андреј Цветановски. Полно гледалиште во матичниот театар уште еднаш ја докажа поддршката што овој ансамбл ја има од својата публика. Претходно, во кафе барот „Лувр“, актерката Ангела Стојановска ја изведе својата претстава „Срам“ во продукција на „Тииит.Инк.“. Одлична дискусија се разви по изведбата на претставата.
Во фоајето на Центарот за култура беше и официјално отворена изложбата на костимографот Благој Мицевски. Тој со изложбата одбележа и три децении од своето учество на фестивалот „Војдан Чернодрински“, каде има освоено дури 14 награди, од 15 претстави.
Гостин на фестивалот на вториот ден беше и јапонскиот амбасадор во земјава, н. е Оцука Казуја, кој заедно со директорката на фестивалот, Ана Стојаноска ја погледнаа изложбата на стари фестивалски фотографии, се дружеше со скомрахите и живите статуи, а присуствуваше и на отворањето на изложбата на Благој Мицевски.

Би можело да ве интересира

Прилеп: Замена на шините – пренасочување на патниот сообраќај

Елизабета Филипоска

„Семејни приказни“ нова претстава во театарот „Војдан Чернодрински“

Неизвесноста со тутунскиот откуп продолжува во – Собранието!

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе