11.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Општина Прилеп ги награди најуспешните ученици од основните и средните училишта

Учениците од основните и средните училишта од општина Прилеп кои освоиле награди на државните и меѓународните натпревари денеска во општинската голема сала беа дополнително наградени за постигнатите резултати со вредносни ваучери. Дека општина Прилеп има со што да се гордее, покажа присуството на над 140 ученици со своите ментори, наставници и професори, кои се стекнаа со дополнителни вредносни награди според новоизготвениот правилник за наградување на успешни /наградени ученици на Општина Прилеп на Комисијата за општествени дејности и правата на децата при Советот на општината.

Денеска со градоначалникот можеби го имавме најпозитивниот настан во општина Прилеп што ќе ја одбележи 2023 тата  година – присуството на 143 наградени ученици на државни и меѓународни натпревари, ученици кои што освоиле од прво до трето место. Согласно правилникот кој што го донесе Советот на Општина Прилеп беа повикани овде и согласно Правилникот за доделување награди на талентирани и надарени ученици, им доделивме награди согласно местата кои што ги освоиле. Ова е еден нов чекор, во она што сите го имаме како проблем во нашето општество, а тоа е задржување на нашите млади. Можеби ова е само еден минимален стимул кој што го издвојуваме од Буџетот на Општина Прилеп но, верувам дека е значаен настан што ќе остане врежан во меморијата на овие ученици и дека ќе имаат некаква обврска кон општина Прилеп, од општината која што ги образувала во нивното средно, можеби и високо образование ќе имаат обврска да останат и своето знаење да го имплементираат во општина Прилеп, посочи Дејан Проданоски, претседател на Советот на општина Прилеп и додаде дека Советот планира да изработи правилник за наградување и на најдобрите наставници од општината, што би се применувал од наредната учебна година.

Целта е децата, учениците, а во иднина и наставниот кадар, да се мотивира за постигнување на врвни резултати во образованието, што со овој чекор на институцијата дополнително се потврдува и наградува од локалната заедница. Предвидениот буџет за вредносни награди од 500 илјади денари е надминат, согласно бројката на наградени ученици од државните и меѓународните натпревари што е уште еден добар показател за успесите на прилепските ученици.

 

Согласно буџетот кој што го предвидовме за оваа година, планиравме дека бројката ќе ја заокружиме на помалку од 100 деца, но за моја среќа, се надевам дека нема да биде земено за зло, го надминавме тој буџет. Беа планирани половина милион денари, меѓутоа, затоа што се повеќе 143 до 145, затоа што денеска слушнавме од директорите, особено на едно средно училиште дека деца од Олимпијада, од високо научен натпревар, се вратија со награди, можеби до заклучување на записникот ќе бидат 145 или 146 деца. Верувајте дека како локална самоуправа и еве во име и на градоначалникот нема да штедиме на тие средства, односно наша намера е да ги стимулираме младите да останат во нашата општина и да придонесуваат во развојот, рече Проданоски.

Во зависност од наградите на државните и меѓународните натпревари, вредносните ваучери од Општина Прилеп изнесуваат: за државни натпревари прва награда 7 илјади денари, втора награда 6 илјади денари и трета награда 5 илјади денари. Додека за меѓународните натпревари прва награда е 9 илјади, втора 8 илјади и за трета награда 7, 5 илјади денари.

 

Би можело да ве интересира

На Светскиот ден на здравството, 7 Април на протест излегуваат матичните лекари

Одбележан 23-ти Октомври, Денот на македонската револуционерна борба

Гордана Цветаноска

За 15 % поскапе осигурувањето за регистрација на возилата – АСО вели не е оправдано

Елизабета Филипоска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе