Прилепските пензионери денеска одржаа протест пред Здружението на пензионерите на кој што го искажаа својот револт од процентуалното зголемување на пензиите од 6%. Бараат линеарно зголемување на висината на пензијата од 3 500 денари за, како што велат да можат нормално да живеат. Се додека не им биде исполнето барањето ќе протестираат секој ден, бидејќи како што велат власта гази на нивното достоинство, не сакаат да прежуваат со ниските пензии, тука бараат нормално да живеат:
- Ние самоиницијатвно се собравме, незадоволството се‘ повеќе и повеќе расте кај пензионерите и се чувствуваме како да сме напуштена група на граѓани во Македонија. Ние броиме 339 членови на Здружението на пензионери во Прилеп, но за возврат ние сме добиле или 2% или 6%. Значи ѝ се восхитувам на министерката и на оние наши претставници, претседатели кои што даваат согласност да земат пензионерите 6%. Нели се запрашале дека ние имаме пензионери со 10 500, со 12 500, со 13 000 денари дали тие би можеле да купат пред се’ таблети, потоа храна и дали би можеле нешто фазла да земат. Потребите на пензионерите сметам дека се еднакви дали се за оние од 10 500 или оие од 50 – 60 000 ден, затоа што истите потреби ги имаме. Затоа ние се договоривме меѓу себе тука, да бараме линеарно зголемување доста е со процентуално. Ако нив им одговараше 78% и зедоа по 120 илјади плати, ние барем 3 и пол илјади бараме. Така малку од малку ќе ги задоволиме нашите потреби во домаќинствата. Ова не е незадоволство само во Прилеп, незадоволството расте во цела Македонија. Може да прерасни во нешто друго, ако надлежните не ни одговорат во најбрз можен временски рок и ова ќе продолжи секој ден, се‘ до задоволување на барањата на пензионерите – линеарно зголемување од 3 500 денари. Овие луѓе овде што се дојдени, не дојдоа од кеф, дојдоа од тоа што се разочарани нивното зголемување колку расте. Кај што тие имаат зголемување од 78 % ги уживаат и сите бенефити во државата. Не мора да значи дека сме пензионери и плаќаме 150 денари сите подеднакво. Затоа тие ги задоволуваат оние пенезионери кои што се плашат да излезат овдека пред вас за да кажат дека не ни е доволно да прошетаме до некој манастир, до некое летувалиште, но некои бањи. Не ни треба тоа, тоа е еднаш во годината, ама јадење треба секој ден и таблети треба да се купат секој ден, најмногу таблетите. Сега знаете како е здравството, се‘ плаќаме, луѓето како можат да платат – едно снимање на срце да сака да направи е 2 000 денари. Кој е тој од овие пензионери што ќе плати толку за ехо. А не е само ехото, ние сега се‘ треба да проверуваме, за да можеме да опстојуваме. Ние со овие средства ПРЕЖИВУВАМЕ, нека слушне јавноста, министерката не се страми со 6 % зголемување, пензионерите не се треторазредна група, тие се жители на МАкедонија и тие треба да ги уживаат правата што ги уживаат сите, посочи Верче Јанческа, пензионерка.
- Во ова денешно време со оваа невидена инфлација која што секој ден гледаме дека цените на производите растат, ние пензионерите сме на маргините на општеството, зборувам за ние со минималните пензии. Затоа апелираме до властите нека го слушнат малку нашиот глас. Не се тука само лековите, тука се и белешките кои што треба да ги платиме, затоа што за една неплатена белешка сите знаеме како ни се исклучува и струја и вода, каде е храната, каде се хигиенските потреби – и ние сме луѓе на кои што ни е потребно се‘! Затоа ги замолувам властите во Скопје, министерката и сите надлежни, малку да го слушнат гласот на пензионерите. Со овие минимални, не сакам да речам страмни пари што ги земаме – НЕ СЕ ПРЕЖИВУВА. Емисијата Срвајвер (Преживување)сите сме сведоци ја гледавме, ние дојдовме сега, токму пензионерите на тој срвајвер. Затоа бараме што побрзо да се решат нашите барања, ако не продолжуваме секојдневно, оти лесно е да земеш 80 ооо и 100 000, а лебот е 35 денари и за нив и за нас, рече Вера Чакмакоска.
- Не сакам јас да бидам дискриминирана. Јас сум работела 40 години, земам 13 000 денари пензија, живеам сама и со тие 13 илјади денари јас не сакам да преживувам, јас сакам да ЖИВЕАМ! И јас сакам да излезам, да прошетам, да му купам на внучињата, в театар, в кино да си појдам. Му предлагам на господинот Премиер, со мојата пензија од 13 илјади денари да проба да биде феномен да живее 1 месец, да си ги плати сметките, да си купи лекарства ако му требаат, да прошета. Со 13 илјади денари не можеш 3 дена да поминеш во месецот!!! Јас не сакам да преживувам, јас сакам да живеам, вели Вера Стеваноска, пензионерка.
- Државата кажува усогласување на животни трошоци. Животни трошоци, таму пресметуваат горе, а овде ни даваат проценти. Јас сум дипломиран економист, работев во текстил, отидов со мала плата, со мала пензија. Нема проблеми за тоа што сум пошол со мала пензија, овој плаќал повеќе затоа зел поголема пензија. И тие што се сега со поголеми пензии, бараат процентуално зголемување, а ги пресметуваме трошоците на живот за сите исто! ШТО ДРЖАВА Е ОВАА КАЖЕТЕ ВИЕ?!!! Ова е банана држава! Ни во Африка нема како овде кај нас! Тие си зголемуваат 80 % плати, нас ни даваaт 6%?! Лебот и за нас и за нив е за сите ист, бензинот е ист, а тие играат по канцеларии фудбал!!! Сум работел, сум барал работа за 1000 работници и со 6 илјади сум пошол во пензија. И во Пензиско кај нас манипулираат со пензиите. Јас дипломиран економиста, отидов 2012 во пензија со 6 900 денари пензија, а чистачката кај мене, истиот месец замина со 8 000 пензија. Значи и таму пријатели барале за пензиите да си ги покачуваат. Ова не е правилно. Оваа држава треба се запали еднаш и да не постоиме веќе, нема друго што, Милан Пирганоски, вели пензионер.