Тимот на Дубочица од Лесковац е новиот освојувач на трофејот на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“, кој се одржа осми пат во Прилеп. Српскиот тим славеше во финалето против новиот ракометен суперлигашт Мулти Есенс со убедливи 21:30. Тимот на Дубочица Лесковац по втор пат го освојува турнирот „Миле Нешкоски“ во Прилеп, како странска екипа. Тоа го направи минатата година и со тоа стана првиот странски тим кој го освоил турнирот„Миле Нешкоски“. Претходно двапати победник беше Еурофарм Пелистер, а по еднаш Охрид, Тиквеш, Пролет и Металург 2.
Инаку, РК Прилеп го освоија третото место на осмиот меморијални турнир „Миле Нешкоски“ во малото финале кое се одигра попладнево, каде домашниот тим на Прилеп беше поуспешен од пелагонискиот ривал Еурофарм Пелистер 2. Прилепчани до третата позиција стигнаа со победа од 29-24.
Во битката за петто место гостинот од Финска, екипата Кокс, по пресврт ја совлада Струга со 25-22, иако стружани водеа со два гола разлика на полувреме.
На последното место на турнирот „Миле Нешкоски“ се пласира екипата на Скопје, која го загуби дуел со Пролет, со резултат 23-27.
Со тоа заврши осмиот меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ во Прилеп, кој како последен ракометен турнир во земјава (по струшкиот и охридскиот) , пред почетокот на првенството, го презентира квалитетот и можните ракометни питки кој се очекуваат во Супер ракометната лига-мажи, оваа сезона.