Денеска дворот на ООУ Кочо Рацин исполнет со деца, родители, баби и дедовци, наставници, кои навиваа, а и се вклучија во активностите предведени за одбележување на Светската недела на детото. Инвентивноста преку натпревар да се научи вештината за врзување на врвки и шнирање на патики ги спои сите да се вклучат во играта кој ќе биде побрз и повешт. Се вклучија сите одделенија од прво до петто. За сите беа обезбедени признанија, а за најбрзите награди. Конкуренцијата беше голема:
„Ова е една од најбараните вештини – врзување на врвки на патеки. Сме поделени во две категории: ученици од прво до трето и четврто и петто. Од прво до трето врзуваат, додека четврто и петто шнираат. Идејата дојде од она што е наша секојдневна активност – врзување на врвки, ние апелираме децата да се научат како да врзуваат врвки и тоа лепенките ни се силна конкуренција и сакавме со ова да поттикнеме врзувањето врвки да поттикнеме учениците да ја научат“, вели Наташа Мирческа, одделенски наставник креатор на активноста во која се вклучија по завршувањето на детските натпревари и родителите и наставниците со други спортски активности и дружење.
Денешниот настан само дел од активностите кои нашето училиште ги организира по повод Неделата на детето, a како круна на настаните е програмата „НЕЗАБОРАВ И ВЕЧЕН СПОМЕН НА ХЕРОИТЕ“ интегриран ден по повод Денот на народното востание на македонскиот народ – 11 Октомври која што ќе се одржи на Могилата на непобедените на деветти октомври.
„Во ООУ Кочо Рацин Прилеп цела недела имаме активности. Вчера имавме избор на училишна заедница, денеска е настанот замислен како учење низ игра и натпревар за врзување на врвки од прво до трето одделени и шнирање на патики од трето до петто одделение, утре, среда имаме избор на ученички парламентот, а в четврток е предвиден бидејќи е Денот на учителот малку и децата да се почувствуваат како наставници, ќе бидат заменети часовите да ги одржуваат ученици, а в петок имаме свечен прием на првооделениците во Детската организација. В понеделник е најголемата активност, „шлагот“ на активностите. По повод Денот на народното востание -11 Октомври, ќе имаме интегриран ден каде ќе биде вклучена општината, имавме помош и од компанијата Комфи Ангел ова е прилика да им се заблагодарам. Замислена е програма во која се вклучени сите ученици од прво до деветто одделение. Во 9 часот и 30 минути започнува целокупната програма со академија, посочи Јулијана Тренкоска, директор на ООУ Кочо Рацин Прилеп.