14.4 C
Прилеп
понеделник, 16 септември, 2024
Пела Радио

„Хамлет“ во режија на Брезовец премиерно во прилепскиот театар

На сцената на театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, петок, на 20 октомври од 20 часот, премиерно ќе се изведе „Хамлет“ во режија и адаптација на Бранко Брезовец. Претставата подготвена според познатата трагедија на Вилијам Шекспир, а со користење на драмите „Во малиот дворец“ на Станислав Игнаци Виткиевич и „Чест“ на Васил Иљоски, е трета соработка на хрватскиот театарски режисер со Прилепскиот театар.

„Хамлет“ е врвно дело на англиската и на светската литература, во кое се зборува за опседнатоста на данскиот принц Хамлет со идејата да се одмазди за убиството на својот татко.

„Во ова читање на ‘Хамлет’, нагласени се конфликтот во и меѓу ликовите, стремежот за моќ и желбата за одмазда. И овој ‘Хамлет’ е заплеткан во измами, манипулации и лудило. Меѓутоа, мотивите од ‘Чест’ на Иљоски и од ‘Во малиот дворец’ на Виткиевич внесуваат уште позасилена атмосфера на сновидение и сосема неочекуван развој на комплексни односи и настани. Ликовите застрануваат од својата оригинална зададеност. Ниту во својата психологија ниту, пак, во своите постапки не се сосем идентични со оние од Шекспир. На тој начин, оваа претстава ни предочува нескротливи аспекти и можности за толкувања поинакви од очекуваните, односно од стандардно прифатените“, истакнува Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, соработник за драматуршки прашања на претставата.

Цитирајќи го полскиот театролог Јан Кот, кој вели дека секој „Хамлет“ што се поставува мора да загуби дел од богатството на Шекспировиот, Митоска-Ѓорѓиевска посочува дека, можеби, оваа нова и поинаква повеќеслојност на оваа постановка, која ја стекнуваат ликовите, или, пак, многузначноста што произлегува од секој, а не само од текстуалниот аспект, го претставува клучниот елемент што ќе му пркоси на ова тврдење на Кот, односно претставува (намерен или интуитивен) стремеж кон отелотворување на „Хамлет“ со целата негова комплексност и потентност. „Во таа смисла, режисерот Брезовец ќе истакне дека овој Хамлет се труди и да биде и да не биде наш современик и современик на нашиот театар“, додава Митоска-Ѓорѓиевска.

Улогите во претставата ги толкуваат: Зоран Иваноски, Димитар Ѓорѓиевски, Андон Јованоски, Даниела Иваноска, Марија Спиркоска-Илијеска, Игор Трпчески, Илија Волчески, Александар Тодески, Михајло Миленкоски, Виолета Чакарова, Наташа Ачански, Ана Митоска. Сценографијата е на Пеце Ристески, а костимите на Сузана Брезовец.

Би можело да ве интересира

Комуналец започна со чистење со дивите депонии

Пела Редакција

Прилепска пиварница – квалитет кој се граничи со перфекција

Гордана Цветаноска

Водовод ќе врши ревидирање на сметките за вода

Елизабета Филипоска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе