5.4 C
Прилеп
петок, 15 ноември, 2024
Пела Радио

Одбележани 90 години од раѓањето на амбасадорот д-р Ханс-Лотар Штепан – човекот кој го отплетка „македонскиот јазол“

По повод 90 години од роденденот на доследниот и посведочен пријател на Македонија и на македонскиот народ и автор на книгата „Македонскиот јазол“, д-р Ханс-Лотар Штепан, кој беше амбасадор во Македонија и 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Германија и Македонија во Либек, Германија се одржа комеморација и присет на овие два датуми од македонско – германското пријателство. 

Д-р Ханс-Лотар Штепан, амбасадор во Македонија од 1993 до 1996 година и по завршувањето на неговиот мандат и пензионирањето, тој ја презеде улогата „амбасадор на добра волја“ и активно го промовираше македонскиот засебен идентитет, јазик, култура, историја и уметност. Тој беше високо почитуван меѓу Македонците во дијаспората, нивен соработник и гласноговорник за македонската историска вистина.

Воедно, д-р Штепан беше одликуван за заслуги од Македонската академија на науките и уметностите со медалот „Блаже Конески“, од македонскиот претседател со Медал за заслуги за Македонија, а добитник беше и на бројни други награди и признанија од македонски невладини здруженија, фондации и асоцијации од целиот свет. Со тоа тој остави голем број почитувачи и следбеници на неговите истражувања за историјата на Македонија. Од неговата богата биографија за нас Македонците е значајно дека по пензионирањето се посветува на македонското прашање и македонскиот оспорен идентитет и истражува во Политичкиот архив на германското Министерство за надворешни работи. Врз основа на тие наоди во 2004 година го објавува капиталното дело „Македонскиот јазол“ на германски јазик и во годините потоа книгата доживува неколку изданија на македонски и англиски јазик.

На комеморацијата за д-р Штепан говореа негови лични пријатели, колеги и соработници. Обраќањата беа со лично и виртуелно присуство, а се обратија: Жаклина Арент и Драги Богоевски од македонската заедница „Обединети Македонци“ и Ролф Мајер како домаќини на настанот, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски од Америка, Димитри Кирјаковски и Никола Боровски од македонската заедница од Чешка,  академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, Илија Пенушлиски алтер его на Ханс-Лотар Штепан и Георги Гоце Дуртаноски кој ја промовираше биографијата на амбасадорот Штепан.

 

Македонија симбол на светската неправда!

Македонскиот сликар Илија Пенушлиски, или како што Штепан го нарекуваше негово алтер его (втора половина) рече дека тој се уште не може да се прости од Штепан, тој за него е се уште жив, бидејќи алтер егото не умира целосно и во еден момент сѐ додека другата половина се уште живее.

„Македонија стана симбол на светската неправда, а таа неправда стана и негова неправда“, рече Пенушлиски за својот пријател со кој првпат се запознаваат во Скопје пред 30 години.

„Кога беше прашање за Македонија, за неа секогаш важеа двојни аршини и тоа е дволичноста на големите сили спрема малите народи. Аманетот на Штепан беше истражувањата кои тој ги направи за Македонија да продолжат и понатаму, уште еднаш да бидат прегледани од историчарите и да бидат употребени за поблиско приопштување на вистината и за доброто на македонскиот народ“, подвлече Пенушлиски.

По повод 90 години од раѓањето на д-р Ханс-Лотар Штепан академик Љупчо Коцарев, претседателот на МАНУ ќе рече:

„Нема дилеми дека д-р Ханс-Лотар Штепан беше искрен при неговите настапи во име на македонскиот народ. Академската и интелектуална заедница во Македонија ја препозна големината на Штепан непосредно по издавањето на неговото капитално дело ‘Македонскиот јазол’ во 2005 година, и две години подоцна, во 2007 година му ја додели меѓународната награда ‘Блаже Конески’ за посебен придонес за меѓународна афирмација на историјата на македонскиот народ. Тој беше и останува еден од елитните интелектуалци на денешницата кои застанаа во одбрана на фундаменталното право на македонскиот народ – правото на постоење“.

Проф. Георги Гоце Дуртаноски, авторот на биографијата за д-р Ханс-Лотар Штепан ја потенцира важноста на публикација потенцирајќи:

„Ми беше чест што мене ми припадна обврската заедно со моите соработници да ја подготвиме оваа прекрасна публикација за еден од највозвишените ликови во последните 30 години од независноста на Македонија. Ова е една уникатна приказна за човекот кој војувајќи за нас стана наш. Ми причинуваше задоволство да работам на портретирање на неговиот лик“.

Здружението „Заборавени Македонци“ од Париз,  претседателката Соња Кировска испрати порака во која меѓу другото се вели дека  „Здружението се води од мотото: ниеден Македонец не смее да биде заборавен, но и оние големи ликови како Ханс-Лотар кои го помагаа македонскиот непокор и достоинство“.

Во градот Либек поднесена е иницијатива една од улиците на градот на го носи неговото име. Воедно, беше промовиран комеморативен плик и поштенска марка со ликот на д-р Ханс-Лотар Штепан.

 

 

 

Би можело да ве интересира

Тутунарите го повикуваат МЗШВ на брза исплата на субвенциите од ланската реколта

„Хамлет“ во режија на Брезовец премиерно во прилепскиот театар

Пела Редакција

Кои се барањата за решавање на тутунските маки до Владата и пратениците?

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе