Во организација на Националната земјоделска мрежа во Прилеп денеска се одржа трибина со тутунопроизводители од цела Македонија. Во пресрет на новата реколта, најважното прашање на кое се дискутираше е: кои цени ќе бидат содржани во договорите за реколтата 2024/25 година. Тутунарите не се согласуваат со предложените цени од откупните компании.
„Денешната трибина е повод објавените откупни ценикои се девалвирачки, ниски и неприфатливи за нас како тутунопроизводители. Сега ако останат како што се, значи ќе дојдеме под производната цена. Ние апсолутно не ги прифаќаме и сакаме да изградиме заеднички став тука со нашите колеги тутунопроизводители кои би биле тие цени оправдани економски за нас како производители. Ние сме доведени во ситуација да откупните фирми ни диктираат цени кои за нас се погубни и не’ водат во загуба, посочи меѓу другото Ѓорѓи Каракашев, тутунар од радовишко, од Националната земјоделска мрежа:
Крајниот рок за утврдување на цените во договорите е 31 ви март. Тутунарите повикуваат ресорното министерство да се вклучи поангажирано во креирањето на откупните цени. Апелираат државата да поводи поголема грижа за земјоделскиот сектор бидејќи како што рекоа околу 440 илјади луѓе работат и егзистираат во оваа економска гранка. „Сведоци сме на масовно иселување на населението од руралните места. Би ги замолил земјоделските здруженија да ги остават политичките влијанија и конечно да се стават во функција на самиот земјоделец. Во земјоделието се 440 илјади наши сограѓани и мора на таа категорија на луѓе да му се помогне, а таа категорија луѓе е што ја носи храната во Македонија,“ вели Димитар Димитриески од Прилеп.
„Ние не сме социјалци, ние сакаме лебчето да си го заработиме со мака“, вели Живко Конев од село Иње, радовишко тутунопроизводителите барајќи фер цени, економски исплатливи и рамноправна положба со откупувачите за да можат да планираат продукција и чесно да заработуваат. Ова е основен предуслов, бидејќи македонските села сега се пустошат зафатени со емиграцијата.