Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница (11 април) ги потврди повеќето листи за пратеници поднесени од политичките партии и коалициите за претстојните парламентарни избори. Потврдени од ДИК се листите поднесени од: коалицијата „Европска иднина“ предводена од СДСМ; „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ; „Европски фронт“ предводен од ДУИ; „Вреди“ на албанскиот опозициски блок; Движењето ЗНАМ; Левица; коалицијата „Храбро за Македонија“ која ја сочинуваат ГРОМ, ПЦЕР и Интегра; партијата Македонска Ера Трета.
Сите тие имаат поднесено кандидатски листи за шесте изборни единици.
Некои од партиите, имале поднесено кандидатски листи за пет или помалку изборни единици како што се: партијата Демократи, Аваја, Твоја партија, Родина Македонија, Единствена Македонија…
Според тоа Државната изборна комисија (ДИК) целосно ги потврди листите за пратеници во Собранието на Македонија на 10 партии и коалиции со кои тие ќе учествуваат на претстојните парламентарни избори закажани за 8 мај. На други четири партии потврдени им се листите во дел од изборните единици, додека за преостанатите изборни единици во кои сакаат да се тркаат за идниот состав на Собранието рокот им е до утре за поднесување на дополнување и корекции.
За парламентарни избори, државата е поделена на шест изборни единици и од секоја од нив во Собранието влегуваат по 20 пратеници – која партија колку мандати ќе добие во секоја изборна единица се пресметува според т.н. Донтов модел.
Парламентарните избори во Северна Македонија ќе се одржат на 8 мај. Тогаш ќе се гласа и во втор круг претседателски избори, додека првиот ќе се одржи на 24 април.