Кандидатот за претседател на државата од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски во изјава за медиумите одговори на повикот за ненапаѓање и за македонско национално единство од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицковски.
„Мене ми е мило, рече Димитриевски, што конечно сите тие големи политички субјекти, што се претставуваат како гоеми политички субјекти ја сфатија суштината и заложбата на ЗНАМ. Од првиот момент ЗНАМ како нов политики субјект во државата најави дека по завршување на
парламентарните избори, пред да влезе во договор, разговор и преговор со идните коалициони партнери, ќе излезе со една декларација за дефинирање на македонските црвени линии и де факто потврдување на македонска национална платформа. Тоа би значело дополнително и повисоко ниво на соработка на мултикултурен и мултиетнички план“.
Во однос на ненапаѓањето, Димитриевски појасни:
„Ние како партија не прогласуваме мораториуми, бидејќи немаме намера и не напаѓаме политички субјекти кои се во опозиција. Водиме позитивна кампања. Но, притоа сакам да истакнам дека денешнава состојба која што е лоша и никогаш не била полоша во државата е резултат на владеење на два политички субјекта од македонскиот блок и еден политички субјект од албанскиот блок, тоа е ДУИ. Ваквите повици не можат никого, ниту колективно, ниту индивидуално, да изземат од каков било вид на одговорност во претходниот период на владеење“, рече Димитриевски и додаде:
„ЗНАМ е нова политичка сила која нуди решенија, и нашата цел е граѓаните да ги обединуваме, бидејќи и јас како кандидат, а и самиот политички субјект произлегува од граѓаните, ние сме со граѓаните и имаме намера да работиме за граѓаните“.
Запрашан дали прифаќа вакво национално обединување, Димитриевски одговори дека:
„Не да прифатам, ние како ЗНАМ први во државата излеговме со еден ваков повик и мило ми е што веќе има втор“.
Тој објасни дека по втор пат се случува плагијат на идеја на ЗНАМ од страна на ВМРО ДПМНЕ. Првиот со неговото решение во делот како да се надмине проблемот со уставните измени и со Бугарија и сега околу идејата за обединувањето.
„Ние, директно работиме на дефинирање на македонските црвени линии и национална платформа на Македонците во државата. Мора да се обедииме како народ, без разлика на нашата
политичка различност“. Тој рече дека исклучил каков било вид соработка, постизборна соработка со ова актуелно раководство на СДСМ, за коешто смета дека поради тоа што од една државотворна партија ја направило таква каква што е денес, треба да понесе не само политичка одговорност, туку пред се и кривична одговорност, заедно со добар дел од нивните коалициони партнери од ДУИ, бидејќи, како што рече, направиле голема штета и корупцијата си го дава својот резултат.
На констатацијата дали тоа значи дека е можна соработка со ВМРО ДПМНЕ, Димитриевски одговори:
„Според она што го гледам како досега функционираа нештата особено во делот на фамозното гласање на измените во Казнениот законик, суштински во јавноста имаме разногласија, а во парламентот се обезбеди мнозинство од страна на владеачката структура на СДСМ и ДУИ,но сепак кворумот го обезбеди опозицијата. Тоа потврдува еден вид и начин на соработка помеѓу нив и сметам дека е крајно лицемерно кон јавноста. Ние сме подготвевни во следниот период да делуваме, како што делуваме и сега, како независен субјект. Секако ќе разговараме за идна соработка, но може ќе не изненади и фактот на една општа коалиција. Во тој случај ЗНАМ ќе остане со граѓаните и ќе биде конструктивна опозиција“, потенцира Димитриевски.