Во фоајето од ЦК „Марко Цепенков“ на 26 април 2024/ петок/ од 19.00 ч. ќе биде отворена изложбата „ПИКТОГРАМИ“ од Светлана Попова и Марија Штерјова. Симболиката на преносното значење на знаците, да се препознаат, прочитаат, почуствуваат, универзалноста на математички совршениот бескраен универзум, пресликан во фантастичниот мал Фибоначи човек, е лајтмотивот на оваа изложба.
Авторите self–taughtpainters, м-р Светлана Попова, од Штип, родена прилепчанка, израсната во чколијата, чошињата и чаршијата, и магистрант Марија Штерјова, штипско моме, две различности, две професии, две искуства, работејќи заедно создаваат вистинско уметничко искуство. Љубовта кон боите, платното, четките ги споила, а резултатот е сега видлив. Секое парче резонира со суштината на животот, раскошот на љубовта, битот на семејството, визијата кон инднината, а се преку универзалниот јазик на симболите.
„ПИКТОГРАМИТЕ“, во своите творби не само што ја прославуваат убавината на светот околу нив, туку и пренесуваат наратив на емоции, искуства и врски, поканувајќи ги гледачите да ги истражат длабочините на човековото изразување, втурнувајќи се длабоко во значењето на сликовниот јазик и сопствената душа.
Сликите се изработени во техника акрил на платно, акрил на панел, акрил на хартија, со различни димензии, јаки контрасти на бои, слободни движења на сликарско ноже, кист и четка со огромна големина.
Сликите кои ќе бидат изложени се изработени во подолг временски период од 2019 до 2024 година. Случајно, но со намера 33 дела и наслов „Пиктограми“.