7.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Изложба на реномираниот прилепски мултимедијален уметник Златко Крстевски.

Во ликовната галерија, пред прилепската јавност, со Маил арт проект, се претстави прилепскиот уметник Златко Крстевски.

MAIL ART проектот на Крстевски содржи повеќе од 100 дела на уметници од сите меридијани на земјината топка, каде може да се види шареноликост од идеи поврзани со темата. Слободата на изразот со овој вид уметност, дава извонредна можност за освежување на ликовната сцена од мејнстрим пристапот и претставува посебен вид на естетика, која е нужна за разбивање на, сe повеќе, монотониот штафелајски пристап.

– Мејл-артот, наречен уште како мрежна уметност или уметност на кореспонденција, е еден од најголемите андерграунд уметнички феномени на дваесетиот век. Првите почетоци на мејл-артот се во 60-тите години на 20 век како своевиден медиум за директна размена на уметност, на идеи и информации помеѓу уметници од повеќе држави, без да се користат воспоставените канали на пазарите со уметнички дела. Тој претставува нов начин на меѓусебно поврзување и создавање сопствена култура, со минимизирање на материјалните замки на пазарната економија бидејќи овие специфични уметнички минијатури се дадени во размена /или се меѓусебно разменети/ и тие не се интересни за официјалниот уметнички пазар. Мејл-артот произведува креативни дела надвор од материјалистичкиот уметнички маркетинг. Тој ги претвора поштенските сандачиња во музеи без ѕидови. Тој е од лична природа и е најдемократска форма на ликовната уметност. Сите се добродојдени во мејл-артот и сите се подеднакво важни, при што се почитуваат сечии идеи. Тој е највитален во меѓународната размена на изложбите на кои се претставени сите учесници оти нема жири со задача да ги селектира уметничките дела. Идејата на мејл-артот е хумана и космополитска, да се биде дел од една поширока глобална заедница која ги споделува вредностите на уметноста и културата. Кругот на уметничко пријателство е отворен преку формата на таа комуникација – во овој проект тоа е празната поштенска картичка, чијашто бела бездна уметникот треба да ја исполни со уметничка, а со тоа, се разбира, и со етичка содржина и порака.Мултимедијалниот уметник Златко Крстевски, по повод 551 година од раѓањето на Никола Коперник, дојде на идеја да организира мејл-артот изложба, насловена како Коперникус 551 – истакна Тони Чатлески за изложбата на Крстевски.

Златко Крстевски е етаблиран уметник кој во изминатите 35 години го презентирал своето творештво во повеќе земји и сите континенти, а во својата богата творечка кариера има добиено и многу награди и признанија и е еден од авторите кој најмногу ги претставува Прилеп и Македонија.

Би можело да ве интересира

Ќе се одржи ликовната колонија Дрен 2021

Елизабета Филипоска

Премиера на хуманитарната „Викенд на мртовци“ на Училиштето за театар „Чин 4 Сцена 5“

Мал Битолски Монмартр во Прилеп

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе