Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) апелираат до граѓаните да внимаваат при прошетки во природа, поради присуство на змии. Превентивно потсетуваат и во случаи на појава и контакт со змии во населени места.
Од ЦУК велат дека змиите најчесто бегаат од луѓето, но доколку бидат вознемирувани или случајно нагазени или наседнати тогаш може да нападнат и да каснат.
Во такви ситуации да се побара помош на бројот за итни случаи 112, по што ќе бидат поврзани со Итната медицинска помош. Исто така, важно е да се потсети дека ако змијата е отровна, покрај правилната прва самопомош многу e важно за што пократко време да се добие и медицински третман.
„За вакви специфични случаи на појава на змии во објекти во населени места, не постојат специјализирани институции нивно отстранување, туку има физички лица, а и граѓански асоцијации за заштита на животните, кои што можат да им помогнат на граѓаните за безбедно отстранување на змии, други влекачи од објекти и површини. Таквиот ангажман и слично, се остварува секако по непосреден контакт и договор со нив, во рамки на заеднички, а и законски можности“, велат од ЦУК.
Инаку, змиите се дел од природата и не е препорачливо да се убиваат, напоменуваат од ЦУК.