Јавното претпријатие за државни патишта за потребите на Бехтел и Енка – изградба на автопатот Прилеп – Битола (коридор 10 д) не се откажува од намерата да изврши експропријација на плодното земјиште во приватна сопственост од жителите на село Беровци, прилепско. Деновиве, на 20 тина жители од Беровци од Управата за имотно правни работи им стигнале известувања и покани за задолжително присуство на јавна расправа која ќе се одржи на 02.07.2024 во просториите на Подрачното одделение за првостепена постапка во Прилеп.
Како што стои во известувањето, предлагачот како понуда за висината на надоместот за експропријација нуди паричен надомест од 70 денари за м2.
Станува збор за 30 тина хектари плодна почва првокласно земјоделско земјиште кое е расцепкано на помали парцели во сопственост на семејства кои го обработуваат и од тоа егзистираат. Наводно, конзорциумот Бехтел и Енка планира на површината да ја пренамени за потребите на градежната механизација, да постави бараки за работници, асфалтна база и слично.
Во ноември лани, со првите најави за експропријација на земјоделските парцели, жителите од Беровци покренаа петиција со која се обратија до институциите, медиумите и политичките партии, и ангажираа адвокат, застапник, за заштита на нивните права на приватна сопственост. Бараа од тогашната Влада, Јавното претпријатие за државни патишта и од конзорциумот Бехтел и Енка наместо нивните парцели да биде земено во предвид земјиште кое е од другата страна на автопатот Прилеп – Битола кое е во државна сопственост. Мештаните посочуваат дека доколку се реализира експропријацијата и земјиштето им биде одземено, тие ќе бидат приморани да се иселат бидејќи ќе нема од што да егзистираат.
Беровци е едно од најблиските села до Прилеп и се наоѓа на само 5 км до градот. Ова населено место е во постојан развој, се урбанизира. Околу 400 жители произведуваат житни култури, тутун, градинарски производи и одгледуваат стока. Жителите стравуваат дека асфалтната база ќе направи неповратна штета на животната средина и на заедницата која не сака да се откаже од нивите што им припаѓале со генерации.