Силно невреме попладнево го зафати Тетово и околината. Поплавени се стотина куќи и објекти, а пожарникарите бараат да се исклучи електричната енергија во целиот град, информират од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Неколку тетовски села имаат прекин во снабдувањето со електрична енергија и интернет конекцијата.
На дел од автопатот Тетово – Скопје се појавило и свлечиште. Возилата се движат споро поради земјата од свлечиштето која зазема една колона од автопатот на точката каде се појави.
По силното невреме кое попладнево го зафати и Скопје, граѓани на 112 пријавиле паднати дрјва, поплавени подруми, оштетени автомобили. Од невремето кое вечерва го зафати Скопје во оперативниот центар на ЦУК стигнале околу 70 пријави ,информираат од ЦУК.
Невремето во Скопје предизвика прекин на електричната енергија во Собранието, дадена беше пауза на собраниската седница за избор на новата влада која седница треба да заврши до полноќ.
За утре, од УХМР информираат дека ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Попладне ќе има локална појава на пороен дожд и грмежи, претежно во западните делови од земјата каде ќе има и наместа подолготраен дожд со засилен ветер и грмежи. УВ=8. Минимална температура ќе се движи од 13°C до 21°C , а максимална температура од 31°C до 37°C.