На 69-годишна возраст, по кусо боледување, денеска почина Менде Младеновски (1955-2024), долгогодишен новинар и главен и одговорен уредник на „Битолски весник“ кој годинава прослави 60 години постоење.
Тој беше долгогодишен дописник на „Нова Македонија“ и секогаш се залагаше за почитување на највисоките професионални стандарди во новинарската професија воопшто. Остана активен во новинарството до последните денови. Колумните на Младеновски се поместени во неговите авторски книги „Во прво лице“, во кои ги изнесуваше своите видувања и анализи за актуелните национални, регионални но и локални теми.
За својата новинарска посветеност и професионализам добитник е на бројни награди и посебни признанија од Здружението на новинарите.
Тој во рамките на својот весник ја организираше манифестацијата „Избираме најуспешни битолчани“, позната уште и како битолски Оскар каде признанија добиваа најуспешните физички и правни лица во градот и државата.
Младеновски до последно се залагаше за опстанок на локалните медиуми, особено на печатените кои постепено згаснаа, како и за враќањето на дигнитетот на новинарската професија.