Во петокот, во Прилеп се одржа јавна дебата на тема „Промени и предизвици во спорведувањето на инклузивното образование“ како дел од проектот Инклузија на деца со посебни образовни потреби спроведена од здружението „Отворете ги прозорците“, а со поддршка на Детската фондација „Песталоци’
Пред претставниците од локалните самоуправи, проектните училишта, основните училишта и центрите за поддршка на учењето како и пред родителите од Прилеп, Велес и Битола, на почетокот зборуваше градоначалникот на Општина Прилеп, д-р Борче Јовчески истакнувајќи ги заложбите што Општина Прилеп ги презема во таа насока.
Потоа присутните дискутираа за придобивките од спорведувањето на овој проект, но и за предизвиците со кои се соочуваат како и мерките кои треба да се преземат во иднина.
Во рамки на дебатата беа доделени и награди за најдобро спроведените инклузивни практики во минатиот период.
Наградата за локална самоуправа со најдобри инклузивни практики ја доби Битола, најдобро училиште е „Васил Главинов“ од Велес, најдобар наставник Јулијана Талеска од ООУ „Климент Охридски“ од Прилеп, а најуспешно одделение е второ А, со наставничката Емилија Николовска Спировски од ООУ „Еплида Караманди“ од Битола.
Наградената наставничка Јулијана Талеска вели дека присуството на оваа дебата и наградата за неа се охрабрувачки фактор, додавајќи дека потребни се промени во однос на ова прашање и дека третирањето на оваа тема заслужува уште посериозен пристап.
Потребна е стратегија која ќе има еден модел заснован на слобода. На наставниците, на центрите за поддршка, ресурсните центри, асистентите, им треба слобода. Секое дете е индивидуа со различни потреби кои изискуваат посебен пристап. Еден модел не може да функционира на сите-појаснува Талеска.
Таа зборуваше и за предизвиците со кои се соочува денешниот наставник, но и мотивот кој треба да го има нагалсувајќи дека просветната дејност не е само професија, туку е и мисија.
Предизвиците се големи, и како што сè е тргнато кон пропаст лесно е и логично човек да се откаже.-Но наставничката професија е полна противречности. Таа е благородна професија која те обврзува да бидеш тука и да помагаш, да расниш, да градиш, да поучуваш. Ние најдобро можеме да упропастиме едно општество или да го изградиме и измениме. Нашето влијание е големо и затоа треба да се трудиме да сензибилизираме, да наоѓаме начин да помагаме и да љубиме, да создаваме средина во која дечињата со посебни потреби ќе се чувствуваат сигурно и сакано!-заклучува Јулијана Талеска.
Известува: Филип Димкоски