Дизелдорф, понеделник, 25. ноември 2024
Музичкиот ансамбл при македонскиот културен центар „Македонско сонце“ од Дизелдорф денеска настапи на приемот организиран од градоначалникот д-р Стефан Келер и претседателот на Советот за интеграции г. Гоце Пероски. Редовниот годишен прием се организира секоја година на кој присуствуваат високи гости од јавниот и политичкиот живот како и претставници на дипломатскиот кор во Дизелдорф.

Најатрактивниот дел од програмата беше настапот на Христина Ташкоска во соло-варијанта на виолина со фрагмент од операта „Гоце“ од Кирил Македонски, а потоа во квартет на Ташкоска се придружија Лазе Димовски, Леони Шмиц и Нина Димовска кои исполнија сплет на најпознатите македонски песни со вокал, хармоника и виолина.

Mакедонскиот културен центар „Македонско сонце“ на приемот беше претставуван од д-р Блашко Димковски и Ивана Видоеска кои воедно беа ментори на младите во последните два месеци и ги мотивираа во перфектната реализација на музичките нумери.
70 ГОДИНИ ЈУБИЛЕЈ ОД ОПЕРАТА „ГОЦЕ„ ОД КИРИЛ МАКЕДОНСКИ
Првата македонска опера „Гоце„ е компонирана од композиторот Кирил Македонски (1925-1984) по либрето на Венко Марковски и режија на Петре Прличко која за првпат е изведена на сцената на македонскиот народен театар во Скопје во 1954 година под диригентска палка на Тодор Скаловски .
Како што нѝ објасни претседателот на македонскиот културен центар д-р Блашко Димковски, „ова беше одлична можност да се претстави Македонија во најубаво светло преку овие млади таленти кои ги негуваат своите корени преку македонската култура и традиција. Оваа година се навршуваат 70 години од изведбата на првата македонска опера „Гоце„ компонирана од Кирил Македонски (1925-1984) која за првпат е изведена на сцената од Македонскиот народен театар во Скопје во 1954 година под диригентска палка на Тодор Скаловски. Сметавме дека ова е најадекватната композиција со која можеме да го одбележиме јубилејот на операта и воедно да испратиме поздравен гест до претседателот на Советот за интеграции г.Гоце Пероски кој го носи славното име на нашиот револуционер и визионер Гоце Делчев“ – заврши д-р Блашко Димковски.

на Советот за интеграции и македонската делегација од МКЦ „Македонско сонце“

Градоначалникот д-р Стефен Келер беше пријатно изненаден и почестен од глетката на убавите македонски носии и се фотографираше со македонската делегација од која на подарок доби македонски книги, македонско вино и покана да ја посети Македонија.
Текст и адаптација: Георги Гоце Дуртаноски
Фотографии: Совет за интеграции на град Дизелдорф. Фотограф: Инго Ламерт