Бројот на производи во “новогодишната кошница“ се зголеми на над 900, откако производителите и дистрибутерите пријавиле дополнителни производи. Мерката со новогодишната кошница започува од утре 15 декември и ќе трае до 15 јануари. Целта на оваа мерка е да се овозможи подостапна и поволна куповна моќ за граѓаните за време на празниците. Производите на листата ќе бидат обележани со налепница и лого „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, како дел од кампањата на Владата.
Листата на производи не е затворена и сите заинтересирани можат да се пријават со свои производи на [email protected] Апелирам компаниите доследно да ја почитуваат акцијата која што самите ја креираа, а доколку имаат забелешки истите да ги пријават до Државниот пазарен инспекторат на бесплатниот телефонски број 191 или на веб страната www.dpi.gov.mk, објави на социјалните мрежи заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески
Во листата на новогодишната потрошувачка кошничка спаѓаат леб и житарици, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) напитоци, алкохолни пијалаци (вино и пиво) и друго. Изминатите денови пазарните инспектори ги мониторираа сегашните цени на производите во акциската листа заедно со најниските цени на овие производи кои биле применувани во последните 30 дена.
Целта на мониторингот беше да се утврди дали по почетокот на акцијата трговците ќе се придржуваат до акциското намалување на цените од најмалку 10 отсто на прехранбени производи кои најмногу се продаваат во текот на новогодишните празници.
Листата на прехранбените производи кои се дел од новогодишната кошница граѓаните може да ја најдат на веб-страницата www.mojakosnica.mk. Листата на производи чии цени треба да бидат намалени е понудена во договор со стопанските комори, производителите, трговците и дистрибутерите.