0.8 C
Прилеп
среда, 25 декември, 2024
Пела Радио

И или А – Колку значи една буква во женските презимиња?

Ана Петреска Трајкоски, Марија Тодороска Димески, Теодора Касовска-Мирчев, Елизабета Васев, г-ѓа Ѓорѓиевски, г-ца Попов… Сè почесто слушаме, се сретнуваме или разговараме со девојки и жени кои носат вакви и слични презимиња. Тоа се лица од женски пол кои решиле карактеристичната женска форма во македонските презимиња да ја заменат со машка.

Ако во математиката една нула е една кула, колку значи една буква во јазикот?

Ангела од неодамна е сопруга и мајка. При стапувањето во брак освен што ја задржала вообичаената форма на нејзиното моминско презиме, до него ја додала и машката верзија од презимето на нејзиниот сопруг.

„Ми беше важно да го задржам моминското презиме. Машката верзија на презимето на мојот сопруг, додадено до моето име и моминското презиме, ми звучи многу уметнички. Плус сакам да биде исто со презимето на моето синче, ни буква поразлично“ – децидна е Ангела во своето образложение.

Елена која потекнува од Македонија, а живее во странство, пред неколку години стапила во брачен живот. Крај своето име го додала презимето на својот сопруг, но машката форма на тоа презиме.

„Настана грешка уште во средувањето на документите при самото доаѓање овде во Германија. Тогаш уште не бев омажена и го носев моето моминско презиме. Во администрацијата татко ми го вовеле со едно презиме, а мене со друго. Сето тоа донесе многу компликации. И затоа, кога се омажив, веднаш ја зедов машката форма од презимето на мојот сопруг и досега сум немала проблеми.  Во секој случај, да бев во Македонија, на памет немаше да ми падне да носам презиме со машка форма“ – вели Елена.

Владимир, пред само два месеца ја побарал раката на својата долгогодишна девојка. Тој смета дека е исправно да се користи женската форма на презимето и очекува неговата вереница да го направи тој избор.

„Мое мислење е дека треба да  се користи женската форма на презимето, Здравеска, Петреска итн. бидејќи според мене не е во ред да си играме со карактеристиките на македонската граматика. Има и други земји каде се разликува машкото и женското презиме и мислам дека тоа е посебен  белег на нашиот јазик појаснува Владимир.

Ова се одговорите на дел од нашите соговорници во анкетата која ја спроведовме, со цел да слушнеме за новата мода на промена на женските презимиња во машката форма. Сè почесто слушаме за идентитети на жени кои имаат машки презимиња. Петревски, наместо Петревска, Ристоски наместо Ристоска, Димитров наместо Димитрова…

Дали станува збор за помодарство, некаква лична потреба или пак желба да се биде посебна или пак слична на некоја друга жена.  За тоа колку ваквите промени се одразуваат врз белезите на македонскиот јазик, но и на социолошко-психолошките состојби во нашето општество, поразговаравме со експерти од овие области.

Професорката д-р Елка Јачева-Улчар, научна советничка  во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“  во Скопје, која минатата година ја објави книгата „Презимето кај Македонците“, на почетокот од нашиот разговор објасни за настанувањето на презимињата кај Македонците и за нивните најспецифични белези. Таа укажа на фактот дека зародокот на презимињата кај Македонците датира од многу векови наназад, односно првите никулци се појавени во Битолскиот триод кој претставува црковнословенски ракопис од 12 век. Но сепак за развиена антропономастичка категорија презиме во вид на посвојна придавка можеме да зборуваме од втората половина на 19 век.

„Тоа, првично, се развило  во градовите, кај чии жители, поради поголемата бројност, постоела потреба од информација повеќе при идентификацијата на лицата, од причина што само името, кое често го носеле повеќе различни лица, не било доволно за препознавање во социјалниот простор. Во својата основа презимето најчесто претставува одговор на следниве прашања: 1) чиј си, односно кој ти е татко или од која фамилија потекнуваш, при што се добиени презимињата Милев, Радев, Ивановски итн.); 2) каков си?, презименски тип, добиен од прекари, сп. Печијаревски, Црвенов, Ќосев, Мургоски и др.; 3) од каде си? (етнички презименски тип, на пример Тиквешански, Локвенец, Лактински, Кадинец); и 4) со што се занимаваш? (презименски тип според занимањето на првиот сопственик на тоа презиме, на пример, Дограмаџиев, Бочваров, Вретенаров и др.“, појаснува Јачева-Улчар.

Професорката смета дека употребата на машката форма на презимето за лица од женски пол, што најчесто го зема невестата при стапување во брак, се должи на еден вид помодарство и подражавање на еден презименски модел кој не е ниту во духот, ниту во традицијата на македонскиот антропонимски систем.

Парадигмата по род кај презимињата е позната во сите словенски јазици каде што презимињата се образуваат со општословенските суфикси -ев/-ов, односно -е(в)ски/-о(в)ски и–ин (сп. Марија Склодовска-Кири, Мартина Навратилова, Елена Верижникова, Ирина Бокова, Татјана Доронина и др.), па дури е имплицитно вградена и во оние женски презимиња како што се „југословенските“ (освен македонските) кои, најчесто, се образувани или со суфиксот -иќ или се бессуфиксни, а чија официјална форма на презимето нема формален показател за женски род.

Во век во кој жените се борат за својата независност, рамноправност и еднаквост, а сакаат да ја истакнат и својата посебност, со ставањето на машката форма на презимето се чини како да го прават спротивното.

М-р Стефан Васев, асистент на Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет во Скопје и докторанд по социлогија, тенденцијата на жените да избираат машки форми на презимињата ја оценува како крајно проблематична и парадоксална.

„Прво, нашиот, македонски јазик, дава уникатна културна и јазична вредност, дава јасна разграниченост меѓу машкиот и женскиот род преку суфиксите, што овозможува лесно препознавање на родот кај имињата, презимињата, како и кај останатите јазични категории. Но, сепак во последните неколку години многу често го среќавам овој феномен, на машки презимиња кај жените, но и кај женските деца. Овој комплексен феномен, од една страна може да биде показател за промените што ги носи современото време и за судирот помеѓу традиционалните вредности и модерните текови, но од друга страна, одбивањето на женската форма на презиме може да се толкува како чин на самоневидливост или прифаќање на патријархалните норми кои историски ги привилегираат машките форми“ –  објаснува м-р Васев.

Васев укажува и на несвесноста за западното влијание од една, но и на негативниот ефект врз особеностите на македонскиот јазик, од друга страна.

„Мојот став по ова прашање е крајно негативен, затоа што богатството на македонскиот јазик со можноста на женски суфикси, ја нагласуваат родовата припадност, но истовремено и ја прават жената видлива. Одбивањето на овие форми и преминувањето на машкиот суфикс, е форма на интернализирана мизогинија или стремеж да се „приближат“ до машките стандарди кои се сметаат за неутрални или универзални. Евидентно е дека младите се под силно влијание на западната култура и токму тука е причината за овој тренд на користењето на новите форми на женските презимиња, со машки суфикс. Сепак, ако ги прашате зошто ја користат машката форма на презимето, може да добиете одговор, како унифицираност на семејното презиме, сличност со машките деца кај мајките итн., но според мене овие одговори се во насока на непознавањето на богатството на својот јазик, и  тие несвесно се под влијание на западната култура“ образложува Васев.

Сево ова, вели тој, се докажува и преку фактот што многу од традиционалните македонски имиња не се застапени, односно денес родителите на своите деца им даваат имиња што повеќе наликуваат на имиња од други јазични подрачја. Ова според него може значително да влијае кон негувањето на македонскиот идентитет, традиција и јазик.

„Од родова перспектива, ова исто така претставува удар врз децениските заложби за родовата рамноправност, како социо-културна, така и јазична“ подвлекува м-р Стефан Васев.

Професорката Улчар исто така смета дека ваквата мода е удар врз карактеристиките на македонскиот јазик и врз идентитетот на Македонците и Македонките.

„Ако се согласиме со премисата дека онимите се своевидни споменици за културата како заеднички содржател на јазикот и идентитетот на еден народ, тогаш и категоријата презиме, иако понова во однос на преостанатите антропонимиски категории, претставува значајно и драгоцено сведоштво не само за јазично-историските процеси, туку и сведоштво за социјалните и за историските околности во кои се развивал тој. Оттука, грижата за неговото зацврстување и стабилизирање, особено во неговиот женски облик, треба да биде рамна на грижата што ја пројавуваме како народ спрема сите артефакти од нашето духовно културно наследство“вели Улчар.

Таа иницира интервенција во правната регулација во Законот за личното име, поради наметнатата потреба од построго дефинирање на обликот на женското презиме и поставување на построги критериуми за негово менување.

„Сево ова со цел поголема еднозначност при исполнувањето на идентификациската функција на презимето, како и на продолжување на традицијата, особено што презимињата, исто како и топонимите се своевидни споменици на културата“, смета д-р Елка Јачева Улчар.

Останува да се види, дали може да се подигне самосвеста кај луѓето за важноста на зачувувањето на јазичните белези меѓу другото и преку зачувувањето на формите на презимињата. Или сепак, неопходни се законски регулативи во интерес на зачувувањето на белезите на јазикот како еден од најважните одличја на идентитетот на еден народ, на една држава.

 

Пишува: Филип Димкоски

 

Содржината е создадена во рамки  на Програмата #Sustain Media, кофинансиран од Европската унија и германската влада, имплементиран од ГИЗ, ДВ Академија и Интерњүз. Проектот има за цел да го подигне стандардот на истражувачкото новинарство и да ги засили различните заедници преку онлајн платформа што е посветена на нивните специфични интереси. Преку обединување на ресурсите и експертизата што ја имаме, ова партнерство нуди целосна, разновидна и исплатлива покриеност на целата територија на државата.

Би можело да ве интересира

Хуманитара акција на децата од Детската Амбасада за Сите Деца во Светот

Изложба на Милко Нестороски во Цепенков

Елизабета Филипоска

Овде или во Вечноста?- роман, првенец на прилепчанката Билјана Тинтоска

Елизабета Филипоска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе