Уставниот суд последните денови од 2024 одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на дел од одредбите на посебниот Закон за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10 д.
Со тоа „паднаа во вода“ надежите на ореовчани и прилепчани дека од македонските судови ќе добијат заштита од заканите по здравјето со ископувањето на градежен материјал на Бехтел и Енка за потребите во изградбата на двата коридори. Според официјалните податоци, автопатските делници од коридорите 8 и 10Д се со планирана должина од 109 километри.
Жарко Стеваноски, aдвокатот кој ги застапува граѓаните на социјалната мрежа ФБ појаснува дека иницијатива „Спас за Прилеп“ нема да запре и граѓанската иницијатива за заштита на здравјето и на имотите ќе продолжи пред меѓународните судови и институции. Мирните протести продолжуваат и во новата 2025 та година:
Имајќи го во предвид фактот дека Уставниот суд не смета дека оспорената одредба е неуставна поради постоењето на механизмот на судска заштита, а во случајот Основниот суд Прилеп и Апелациониот суд Битола со своите одлуки покажаа дека судската заштита не може да се користи поради постоењето на специјалниот закон, жителите на с.Ореовец ќе ги превземат следните чекори: Веднаш ќе биде поднесена нова иницијатива пред Уставниот суд со која на Уставниот суд овој пат практично ќе му се покаже како функционира судската заштита на која се повикува. Пред Управниот суд на РСМ ќе биде иницирана постапка за оспорување на одлуката за доделување на концесија донесена од Владата на РСМ. Против одлуките на Основен суд Прилеп и Апелациониот суд Битола ќе биде поднесена жалба до Eвропскиот суд за заштита на човековите права поради повреда на бројните конвенции и повреда на правото на правично судење. Со оглед дека и актуелната власт потврдува дека станува збор за криминален договор склучен од претходната власт, но мора да се почитува со цел да не се причинат милионски штети по буџетот на државата, до ЈО за ГОКК Скопје ќе биде поднесена кривична пријава против службените лица кои го склучиле таквиот договор а се од претходната власт и против оние кои продолжиле да го имплементираат а се од актуелната власт и тоа за едните како извршители а за другите како соучесници во таквите кривично правни дејствија поврзани со склучување и имплементација на договорот. Во меѓувреме жителите на с.Ореовец во отсуство на заштита од Уставниот суд и судовите својата заштита ќе си ја обезбедуваат преку искористување на уставно загарантираното право на мирни протести до крајот на месец Ноември 2025 година и нема да дозволат пристап на механизација до ископот а ако со тоа има проблем ЈПДП или Бехтел и Енка, слободно да си тужат пред надлежните судови а МВР да не дозволи да биде инструмент за заплашување на жителите и да превзема незаконити дејствија заради спречување на таквите протести без судска одлука за тоа. Сакале или не, ќе мораме и пред меѓународните институции да го потврдиме фактот дека за оваа држава постои криминален договор кој мора да се почитува како легитимен, дека темелните вредности гарантирани со устав не важат ништо при постоење на специјален закон и дека судството ниту 2% не ја третира заштитата на темелните вредности на човекот и граѓанинот во оваа држава. Во Новата 2025 година на граѓаните на оваа држава им посакувам конечно да излеземе од системот во кој функционираше Италија во 80-те години а тоа единствено можеме да го сториме само преку бескомпромисна борба против политичката, социјалната и економската корупција, посочува адвокатот Жарко Стеваноски.