1.1 C
Прилеп
четврток, 20 февруари, 2025
Пела Радио

Стојаноска: Во Прилеп ќе живееме смело и насмеано!

Разговор со Ана Стојаноска,  писателка и професорка, актуелна директорка на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Стојаноска е македонска писателка, есеистка и професорка. Дипломирала компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а подоцна магистрирала и докторирирала театрологија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Предава повеќе предмети на додипломските и постдипломските студии на ФДУ-Скопје. Авторка е на мноштво рецензии и критичко-есеистички осврти од областа на театарот,   авторка е на книгата „Македонски постмодерен театар“, а  приредувачка е на неколку монографии. Пишува и романи, драмски текстови и поезија. Нејзиниот роман „Јас и Лин, отпосле“ во 2017 година награден е со „Рациново признание“.  Иако е родена во Прилеп, поголемиот дел од животот го минува во Скопје, но на родниот град  му се навраќа секогаш кога ќе има можност. А има многу работи што ја врзуваат за Прилеп. За неа, за театарот, за книгите, за Фестивалот, за Прилеп…прочитајте во овој неделен разговор со Ана Стојаноска.

 

Се сретнавме на Интернационалниот фестивал на краток филм Winter apricots во Прилеп, каде бевте член на жирито. Како го оценувате годинешното деветто издание на овој фестивал?

Досега фестивалот Winter apricots го следев како гледач, секогаш кога ќе имав прилика. Оваа година бев поканета да бидам член на жири комисијата и се разбира дека со задоволство ја прифатив поканата. Важно е да се поддржат и промовираат фестивалите од овој калибар. Секоја чест на Дарко и Елена, организаторите на фестивалот, кои деветта година по ред во Прилеп создаваат оригинално филмско искуство за сите гледачи. Ова издание на фестивалот беше мошне впечатливо. Како жири комисија бевме задолжени да доделиме четири награди (најдобар филм, најдобар концепт, најдобра камера и најдобар звук) во интернационалната селекција и една во балканската селекција. Ние доделивме шест награди (вообичаените пет, плус едно специјално признание), од што може да се види и мојот став и оцена за ова издание. Изгледавме педесет филмови кои се актуелни и во однос на тематиката, но и во однос на начинот на снимање. Сметам дека фестивалот понуди сериозно добра селекција која е на еднакво ниво со реномираните светски фестивали за краток филм. Уживав гледајќи ги филмовите тие три дена во Прилеп, посебно затоа што имавме прилика да гледаме актуелни краткометражни филмски остварувања.

Живеете во Скопје, но функцијата директор на МТФ „Војдан Чернодрински“ и обврските што ги носи таа, се почесто Ве носат во Прилеп. Дали Ви недостасува родниот град во секојдневието?

Прилеп е амбивалентен град. Мислам дека е тоа наједноставната дефиниција. Од една страна е традиционален и конзервативен, од друга страна на македонската и светската култура им дал многу важни уметници, просветители, напредни мислители.  Мојот Прилеп можеби не постои повеќе, но Прилеп за мене е секогаш место на враќање. Реално, во Скопје живеам подолго отколку во Прилеп, но моите најблиски се во Прилеп, мојот фестивал е во Прилеп, моите корени се од Прилеп. „Прилепскиот пекол, Чашуле и јас“, како што го насловив мојот труд за Чашуле објавен во прилепското списание „Стремеж“, е и најточната формула за мојот однос кон Прилеп. Љубов и посебното чувство на припаѓање наспроти конфликтите и неразбраноста. Прилеп го засакував со приказните на дедо ми, со длабоковистинитиот пристап на моите родители кон местото на моето раѓање, како и низ прозата на мојот втор татко Коле Чашуле. Во однос на недостигањето, ми недостига шетањето ранонаутро низ чаршијата, ми недостига Могилата на непобедените на зајдисонце, Маркукуле во деновите кога ми треба повеќе воздух, ми недостигаат моите најблиски, но затоа и му се враќам на Прилеп, секогаш кога можам.

 

За што ќе треба да се осмелат и на што да се насмеат посетителите на годинашното издание на „Војдан Чернодрински“ што ќе се случи од 6 до 13 јуни во Прилеп?

Човек треба да е смел низ секојдневие. Не може да се живее во страв и неодлучност. „Среќата ги служи храбрите“, вели една поговорка, која во овој случај, јас си ја толкувам на начин дека кога си храбар и успеваш во сѐ што сакаш, може да се насмееш. Кога животот ќе ти покаже дека не е така како што си сакал, пак може да се насмееш. Затоа се одлучив овогодинешното мото да биде „Смеј се и осмели се“, да се смееме и осмелиме на тоа што го создаваме и на тоа што го живееме. Во однос на тоа што ќе гледаат, може да им ветам на гледачите дека ќе донесам претстави со став, претстави кои со смеата ќе успеат и да дадат коментар, претстави кои ќе бидат храбри и ќе ги мотивираат и другите да се храбри. Затоа може само да ги поканам да бидат во Прилеп од 6 до 13 јуни и не само во „Марко Цепенков“ и театарот, туку насекаде низ Прилеп, ќе живееме смело и насмеано тие денови.

Факт е дека на репертоарот на македонските театри многу малку се застапени драмски текстови од македонски автори. Што е причината за тоа  и како се залагате или би се залагале таквата ситуација  да се промени?

Овој податок е за мене најболната точка во театарот денес. Македонски автори има и ќе има. Еве јас сум еден од тие што пишуваат драми кои дури и биле наградени, ама никогаш поставени. За мене главниот проблем е во тоа што репертоарната политика и тие што ја креираат забораваат на главното – домашната драма е основата на театарот. Низ историјата ние сме имале одлични драмски автори,а ги имаме и денес. Проблемот е во тоа што не се чита, не се откриваат авторите, не им се дава шанса. Но, нема да критикувам овде само ќе мотивирам. И поттикнам. Од ова издание на фестивалот ќе воведеме и една новина да придонесеме повеќе за надминување на оваа ситуација. И да, секогаш ќе се залагам, сум се залагала и се залагам за македонската драма, затоа и избрав тоа да го предавам и истражувам.

 Многу граѓани велат дека не посетуваат театар заради репертоарот. Тоа не се случува само во Прилеп туку во повеќе градови низ државава. Што мислите, што е потребно да се промени во програмската политика за да се привлече повеќе публика?

Публика се создава, но не преку ноќ. Креаторите на театарската практика денес треба да не ги потценуваат гледачите. Има театри во Македонија каде што има публика. Има театри каде што публиката е во многу мал број. Но, главно е дека треба сериозно да се пристапи кон феноменот – репертоарна политика. Тоа се зависи од тие што ги водат театрите. За да се промени тоа, треба да се има сериозност во работата, посветеност и непосреден пристап, како и почит кон публиката и критиката. Не постои театар без актер и без гледач и од нивниот меѓусебен однос зависи животот на театарот.

Каква претстава сакате да погледнете в театар кога имате улога на гледач?

 

Најчесто сакам да гледам претстави кои имаат став, кои се естетски квалитетни и пред сѐ, со актери што создаваат креации кои ги паметите по емоцијата што сте ја добиле. Паметам претстави по емоција, настрана од професионалните критериуми на гледање. Паметам претстави до детали: гласот на Кирил Ристоски во „Арсениј“, гестусот на Никола Ристановски како Димитрија во „Диво месо“, трепетот на Јоана Поповска како Велика, сите стихови и битови на „Црнила ремикс“, истовремено, паметам претстави по тоа колку денови не можам да зборувам откако ќе завршат: како на пример, после „Бакхи“ или „Хинкеман“ на Торбица, кога нему не можев да му кажам што мислам, затоа што имаше толку многу што сакав да кажам. Паметам претстави до последно делче, па можам да ги реконструирам според тоа: како на пример „Отело“ на Коршуновас, чиј звук ми е дел од некои соништа. Паметам претстави од моето детство гледани во Прилеп па сѐ до денес и единствено може да заклучам дека секогаш е тоа претства со силен авторски печат и со голем актерски ангажман.

Театарот го сакам толку многу, што не барам да гледам одреден жанр, туку сакам претстава која е создадена со оригинална идеја, посветена работа и со која сме размениле енергија и/или емоција. Среќна сум што сум гледала многу важни претстави од историјата на театарот, уште посреќна што некои театарски уметници сум ги запознала, а најсреќна дека некои од нив ми биле и лични пријатели. Од нив сум учела што е театар, како театарот треба да биде актуелен, која му е функцијата… за театар можам до бесконечност да зборувам. Знам само дека во портфолиото на гледани претстави имам неколку многу важни претстави на европскиот театар од кои денес се учи. Овде би сакала да кажам и што не сакам да гледам: претстави кои се копија на копија на копија… претстави без идеја, претстави во кои гледам како режисерот видел некој друг режисер и реди слики, претстави во кои актерите играат како да се казнети. Театарот е сепак уметност на колективот и затоа е важно секој дел од ансамблот да е мотивиран да создава со љубов и посветеност. Е такви претстави сакам да гледам.

Покрај обемните обврски што ги имате и како професорка и како директорка, наоѓате ли време да пишувате поезија?

Пишувам постојано. Ако не пишувам, мислам дека нема да можам да дишам мирно. Така е тоа кај мене. Пишувам според тоа што решило во мигот да биде напишано. Поезијата некако ми е како мојата суптилна страна, најемотивната јас. Затоа и најчесто ја пишувам. Во мигов пишувам и нов роман, еве годинава ќе излезе и еден што е напишан пред три години. Не пишувам наменски. Кај мене пишувањето е потреба. Нешто што го носам во себе. Затоа не можам да речам дека наоѓам време за пишување. Кога се нафатив на оваа функција си реков, нема да пишувам затоа што ќе немам време. И не пишував неколку недели, мислам дека тоа беа најтешките недели во мојот живот. Сфатив дека пишувањето е мојот идентитет. Не наоѓам време за пишување – моето време е време за креирање.

Што читате во моментов?

Секогаш читам паралелно неколку книги, така некако и пишувам. Секогаш има книги околу моите места во домот. Моментално го читам романот „4321“ на еден од моите омилени автори, американскиот писател Пол Остер. Кога одам во други места, вообичаено одам во книжарниците, па од последното патување го купив романот „Под двете сонца“ на црногорскиот автор Огнен Спахиќ. Редовно читам и позија, моментално „За кентаурите“ од Зузана Гинчанка. Му благодарам на Звонко Димоски за тоа што ми ја откри Зузана. Тука не би споменувала што од стручна литература читам, зашто тоа се менува во зависност што истражувам во мигот. Како и да е, книгите се дел од мене и преку пишувањето и преку читањето.

Каков е Прилеп од вашето детство и каков е Прилеп денес? Дали нешто му недостига денес и што?

Спомените се чудна работа, најчесто паметиме некои убави мигови од минатото, помалку убавите како да ги забораваме. Писателите пак, си го пресоздаваат минатото. Затоа Прилеп од моето детство е поубав од Прилеп денес. Прилеп од мојата младост е поубав од Прилеп на моето детство. Дел од моето детство сум поминала и надвор од Прилеп, но до денес ја сонувам куќата на моите баба и дедо спроти Паркот на револуцијата. На овој Прилеп денес мислам дека му недостига Прилеп од мојата младост – тоа што праевме театар кога бев во средно, тоа што растевме со многу музика, концерти, забави на сите страни низ Прилеп, тоа што се „расправавме“ за секоја прочитана книга, за секој изгледан филм (тогаш имаше 3 кино сали во Прилеп), за секоја изгледана претстава, за секој концерт на кој сме биле, музиката на која нѐ учеле постарите со преснимувањето на касети или дискови…. Но, не… нема да бидам како некој што е само сентиментално врзан за минатото. Сакам да живеам овде и сега, затоа ќе речам дека сакам Прилеп денес да ги мотивира младите луѓе да создаваат култура и уметност, да нѐ дозволат да ги покоси „сеедното“ и да направат колку што можат повеќе да биде Прилеп подобро место за живот. Дека има потенцијал знам од прва рака, затоа што на фестивалот што го водам „Војдан Чернодрински“ од кога ја почнав волонтерската програма и едукативните работилници инспириравме стотина млади луѓе да гледаат малку поинаку на Прилеп. Ним би им дала ветер во крилјата да го сменуваат Прилеп во кој живеат и бескрајно ќе им бидам благодарна што и јас од нив учам како денес може да се создава уметност.

 

Разговорот го водеше Филип Димкоски

Би можело да ве интересира

Во Прилеп не е проблем, а се’ е проблем! (47)

Пела Редакција

Изложба на најдоброто од 50 години Светска галерија на карикатура Скопје

Концерт на флејта и пијано со дела од македонски автори

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе