Разговор со Бобан Алексоски, актер од Прилеп, кој живее во Скопје и е еден од основачите на независниот театар „Златен Елец“
Бобан Алексоски е македонски театарски и телевизиски актер. Роден е во Прилеп, во 1993 година. Позавршувањето на основното и средното образование во Прилеп, продолжува со студии во Скопје. Дипломира актерска игра на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА во Скопје, во класата на проф. Роберт Вељаноска. Во 2020 година, станува еден од основачите на театарот „Златен Елец“ во Скопје. За улогата на Аксентие Иванов во претставата „Дневникот на лудиот“ од Николај Гогољ, режирана од Ѓорѓи Ризески, повеќепати е наградуван. Работи како актер во во телевизијата „Канал 5“ и во Театарот „Златен Елец“ кој деновиве одбележува пет години од своето постоење. За јубилејот на театарот во кој израсна, но и за јубилејот на театарот кој го создаде, за улогите, инспирацијата, но и за предизвиците кои ги носи независната театарска сцена, разговараме при оваа наша средба, случена непосредно по роденденската изведба на претставата „Хинкеман“.
Со претставата „Хинкеман“ го одбележавте петгодишното постоење на вашиот театар „Златен Елец“. Споделете впечатоци од роденденската изведба на претставата, но раскажете ни и за каква претстава станува збор и каде е изведена досега?
Во една недела имавме две роденденски изведби (75 години Народен театар „Војдан Чернодрински“ и 5 години Театар „Златен Елец“) на претставата „Хинкеман“ и тоа уште повеќе ја надополнува возбудата. На интересен и емотивен начин се поврзаа работите лично за мене, зашто многу од нештата што ги научив во минатото, сега ги применувам со независниот театар, а ги стекнав токму во Прилепскиот театар, секако понатаму мојот професор е оној кој ми дал најмногу, но во Прилеп запознав театарски луѓе и гледав што значи да се вложува, работи и живее за театар и до ден денес го носам во мене истото чувство.
Се сеќавам на еден друг роденден од Народниот театар „Војдан Чернодрински“ пред 20 години, ги игравме најубавите детски претстави во Македонија, моите први две: „Снежана и седумте џуџиња“ и „Петар Пан“ во режија на Петар Димоски – Жмарата, лесна му земја.
Инаку „Хинкеман“ зборува за вечните човечки проблеми, за лошите луѓе во општеството кои не дозволуваат промена кон подобро, за неподдршката, моралното исмевање, материјалниот свет кој сосема го покрива внатрешниот пејзаж на личностите. Јуџин, мојот лик е неслушнатиот човек со големо срце кој оди со главата во ѕид, упорно кон промена. Текстот го напишал Ернст Толер пред сто години а истото се случува и денес. Ова е еден лик со физички и психички рани и нуди идеја за единство и конечна промена кон подобро. Досега сме имале четири изведби, „Хинкеман“ го отвори фестивалот Млад отворен театар во Скопје минатата година со кого и е во копродукциска соработка заради наградата „БИШ“ со претставата „Кенди“ на МОТ 2023 и со секоја изведба станува сѐ помоќна претстава и радоста е голема. Секако најголемата заслуга и храброст се на режисерката Тамара Стојаноска на која и дадов комплетна доверба за ликот и приказната и ова секако не ни е прва соработка, сме работеле заедно на претставите „Кенди“ и „Разнесени“ на Театар „Златен Елец“ и во сите испитни претстави по режија на факултет (се смее). Двете февруарски изведби поминаа одлично, следната изведба е во месец март во Скопје во Младинскиот културен центар.
Што значи да се опстои пет години во Македонија, како независен театар? Како функционирате, како успевате?
И покрај сите предизвици, препреки, саботажи.. што морам да признаам дека сме ги доживеале, сме губеле и живци и нерви, но после сѐ чувството кога играш претстава не се опишува со зборови. Горд сум на секој успех кој овој независен театар го доживеа, она што започна со револт уште од 2020 година сега отиде некако во друга убава насока. Наградите што ги добивме се само мотив за уште повеќе работа,труд и верба во театарот. Времињата се менуваат, независниот театар сѐ повеќе појавува интерес кај публиката, па дури и онаа публика која воопшто не била во театар и театарските трупи кои творат независно сѐ повеќе ги има и тоа е за пофалба. Функционирањето е тешко ако немаш мотив, љубов и пред сѐ голема желба, зашто најискрено пари – нема. Јас сум вработен актер во „Канал 5“ телевизија и фала му на бога и на нив што постои работно место – актер, за да успевам со мојата професија да живеам и да заработувам.
Истото чувство го делиме и со колегите, радоста е во изведбата, парите некогаш се доволни, а некогаш се многу малку, но на крајот сите се задоволни зашто за да се одржи една независна претстава во живот е многу тешко. Една од целите кога јас настапив како продуцент на претставите, и во тие во кои не играм, ми беше – животот на претставата после премиера, тоа е првиот успех за една претстава. Работевме многу проекти, а неколку од претставите пред три години сеуште се играат насекаде во државава, во Скопје, дури и надвор од границите.
Какви се плановите на „Златен Елец“ годинава?
Годинава веќе почнавме со изведби на „Хинкеман“ и „Добри луѓе“, понатаму ќе ги вратиме повторно на репертоар и некои од другите претстави, па сите заедно ќе се играат доста во Скопје и пошироко, инаку наголемо се зафатив околу новите проекти годинава на Театар „Златен Елец“, неможам да откријам многу но се работи за два големи проекти во различни периоди во текот на годината. Мирко Радоњиќ од Црна Гора треба да ја работи „Теорема“ од П.П.Пазолини и уште една соработка за друг проект со американскиот автор Брајан Рејнолдс, кој ќе дојде во Македонија за премиерата на претставата.
Со оглед на тоа што вие сте независен театар и сами го креирате репертоарот, дали размислувате на вклучување на текстови од македонски драмски автори?
Секако, како здружение имаме аплицирано со драмски текстови на македонски автори но не сме добивале никаков буџет на конкурсите низ годините, а подоцна истиот автор со кој аплициравме е награден за истите текстови за најдобар текст на друг конкурс објавен од театарски фестивал. Со ова само се докажува апсурдот што го живееме во било кое помало општество, ако се вратиме на приказната од „Хинкеман“. Се надевам дека следните години ќе имаме премиера на текст од македонски автор, иако претставите за деца се авторски текстови, повеќето на колешката Надица Петрова.
Вас како актер Ве гледаме и на ТВ екраните во поновите серијали на народните приказни. Колку беше комплицирано за Вас, да креирате улоги на ликови кои на ова поднебје живееле пред педесетина години и впечатливо да и ги пренесете на публиката?
Тоа беше еден многу убав период, година и пол работевме на серијалот и бевме многу сложна екипа вработени актери во таа телевизија кои пак сакајќи да играме заедно на сцена во театар, направивме независна претстава „Шапка, чоколадо, анус и уште нешто“ во режија на Ана Батева во продукција на Театар „Златен Елец“ и СПАМ СТУДИОС од Бугарија. Времето поминато таму на сет и под тие услови само колегијалноста го спасува и морам да кажам дека ја имаше и тоа како, а потоа еве веќе петта година задоволството е дека луѓето многу ги гледаат и не почитуваат како актери од тој нов серијал.
Во Чучер Сандево кадешто се снимаа приказните, само бандерите и асфалтот сведочат за новото време. Самото присуство те враќа години наназад, многу ни беше интересно да откриеме како порано младите се забавувале во селото и тоа постојано го игравме кога дозволуваше сценариото. Искуство за паметење.
Во која досегашна Ваша улога најмногу се препознавте себе си?
Од ликовите што досега сум ги играл, комплетно препознавање не се случило, но во сите улоги се барам себеси. Сакам да тргнам од себе, заедно со ликот и да му верувам, да го правдам и да го сакам за да биде комплетен и целосен. Со Аксентие од „Дневникот на лудиот“ најмногу и долго време се соживував, препознавав, имавме слични ситуации иако тој зборува многу покомплексно во самиот текст. Даниел од „Кенди“ засекогаш ќе ми биде на срце иако тој е сосема спротивен лик од мене, еве сега веќе неколку месеци Јуџин е оној кој ме исполнува и испразнува и ми е омилен, сакам да го играм, предизвикувачка е линијата на ликот што ја создадовме, а инспирација имам многу за овој лик.
Која македонска претстава продуцирана последниве години остави впечаток врз Вас?
Конкретно за овие понови години неможам да издвојам, но никогаш нема да ги заборавам „Генетика на кучињата“, „Хамлет“, „Бегалка“ на Дејан Пројковски, „Тапани во ноќта“, „Антица“, „Кавкаски круг со креда“ на Прилепскиот театар, „Животот е прекрасен“, „Животот на Молиер“, „Електра“ на МНТ, „Обична приказна“ од Битолскиот театар… сите овие ги имам гледано во просек по десетина пати.
Со Прилеп се врзани Вашите почетоци на животот и на театарот. Што може да Ве натера да се вратите во Прилеп?
Со Прилеп сакам и да ми продолжи животот со театарот, посакувам тој мој омилен театар да биде моја матична куќа многу наскоро, жал ми е што како дете се изнаиграв во тој театар, се запишав на факултет и сѐ досега сум немал шанса. Си посакувам многу претстави таму зашто таа врска е нераскинилива за мене. Освен театарот, таму живеат и моите родители кои се главната поддршка уште од мал да се занимавам со оваа професија.
Разговорот го водеше Филип Димкоски