На денешен ден, 11 март, 2002 година во Скопје почина прилепчанецот, Илија Милчин, драмски и филмски актер, режисер, преведувач, публицист, еден од основачите на МНТ, почесен член на ДПМ.
Милчин е роден на 19 јуни 1918 во Прилеп. Студирал на отсекот за театарска уметност на Музичката академија во Белград (1941). Дипломирал на Правниот факултет во Софија (1942). Кон крајот на четириесеттите години посетувал постдипломски студии за режија на Државниот театарски институт (ГИТИС) во Москва. Пред почетокот на Втората светска војна, во Прилеп формирал аматерска театарска група, чиишто членови кон крајот на војната се приклучиле кон Културно-уметничката група „Кочо Рацин“ во Горно Врановци (1944). Учествувал во формирањето на Македонскиот народен театар/МНТ (1945), каде што работел како актер и режисер (1945-1983), а ја извршувал и функцијата директор на Драмата (1964-1969).
Формирал и раководел Областен македонски народен театар во Горна Џумаја (денешен Благоевград), Република Бугарија (1947/1948). Во Државна средна театарска школа во Скопје работел како наставник по актерска игра и по историја на театарот (1947-1951). Работел како вонреден професор по актерска игра на отсекот за соло-пеење (1968) и на отсекот за драмски актери на Вишата музичка школа во Скопје (1970).
До 1973 година бил шеф на Катедрата за актерска игра на Факултетот за драмски уметности, а од 1999 година на овој Факултет на отсекот за актерска игра бил хонорарен професор по предметот правоговор.
Неговиот преведувачки опус опфаќа голем број значајни дела од руски, хрватски, бугарски и француски автори. Добитник е на наградите: „11 Октомври“, „Кирил Пејчиновиќ“, „Јован Стерија Поповиќ“, „13 Ноември“, „Војдан Чернодрински“.
Видео: Горан Марковски-Бардовите на македонското глумиште