Утревечер (13.3) во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп, со почеток од 18.00 часот, ќе биде промовиран романот „Единствен матичен број“ од македонската писателка Лидија Димковска, во присуство на авторката. Романот е носител на традиционалната престижна награда „Роман на годината“ што ја доделува фондацијата „Славко Јаневски“.
Промотор на делото ќе биде поетесата Виолета Танчева Златева.
Лидија Димковска е македонска поетеса, прозаистка, есеистка, теоретичарка на книжевноста и преведувачка. Завршила Филолошки факултет во Скопје, а докторирала на тема од романската книжевност на Филолошкиот факултет во Букурешт, Романија. Работела како лекторка по македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Букурешт. Членка е на ДПМ од 1995 година.
Нејзините романи „Скриена камера“ и „Резервен живот“ наградени се со „Стале Попов“ од ДПМ.
Во 2013 година за романот „Резервен живот“, Димковска ја добила наградата за литература на Европската унија.