Скопје-Париз-Бонди (26-29 март 2025)
Големите научници ја бришат разликата меѓу малите и големите држави и малото го прават големо
Со паралелни активности во Скопје и Париз неделава што измина беа одбележани 135 години од раѓањето и 94 години од смртта на д-р Анастас Коцарев, светски познатиот онколог од македонско потекло роден во Охрид, кој почива во Париз.
Главниот настан се одржа во Скопје, во Музејот на македонската борба за самостојност во средата на 26 март на неговиот 135 роденден пред еминентна публика од политичкиот, академскиот и дипломатскиот врв во земјата. Настанот беше во организација на здружението „Заборавени Македонци“ од Париз во партнерство со Музејот на македонската борба за самостојност од Скопје и беше модериран од двајцата потпретседатели на здружението, Ана Дукоска и Георги Гоце Дуртаноски.
Програмата започна со едноминутна тишина како почит кон жртвите од трагедијата во Кочани.
Воведна реч одржа директорката на музејот Анче Илиевска која рече дека „за првпат во Музејот на македонската борба, оддаваме почит и признание на ликот и делото на д-р Анастас Коцарев, кој со оглед на неговите врвни заслуги во науката и за македонската кауза, заслужува соодветно место и внимание во македонската историска наука, а со тоа и негово музејско претставување во Музејот на македонската борба – чуварот на македонската историја.“
Македонската претседателка, Нејзината екселенција Гордана Сиљановска-Давкова, за д-р Коцарев рече дека „тој е доказ дека големите научници ја бришат разликата меѓу малите и големите држави и малото го прават големо и дека тој е цивилизациски гениј кој му припаѓа на светот, а неговиот ум, знаењето и мислата во универзумот го формираат Коцаревото македонско-француско-швајцарско созвездие.“ „За мене,“ рече претседателката Сиљановска-Давкова, „д-р Коцарев е олицетворение на моќта на науката, којашто не познава граници, а воден од максимата „ubi bene, ibi patria“, ама никогаш не ја заборавил својата patria. Анастас ги поврза Македонија, Франција и Швајцарија, и мене ми е многу мило што и денеска овде се присутни францускиот амбасадор и претставници од швајцарската амбасада.“
Македонската претседателката рече дека сака да види улици, плоштади и установи низ Македонија кои ќе го носат неговото име, и посакува д-р Коцарев да се врати дома, во неговиот роден Охрид. „На париските откривачи на „Заборавените Македонци“ и на домаќините од Музејот на македонската борба за самостојност им посакувам успешно пишување на романот-река, како што велат Французите, на одисејата на многуте знајни и незнајни умови коишто порано или подоцна блеснуваат и се вгнездуваат во македонската историја,“ подвлече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Пред присутните се обратија Стефан Ерве, градоначалникот на париската општина Бонди каде се наоѓа последното почивалиште на д-р Анастас Коцарев и градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, поранешниот претседател на МАНУ, д-р Љупчо Коцарев и внуката на д-р Анастас Коцарев, д-р Соња Коцарева-Трпезановска.
Градоначалникот на париската општина Бонди – Стефен Ерве упати поздрави од име на општината Бонди за настанот организиран во Музејот на македонската борба во Скопје преку видео-порака и изрази длабоко сочувство за трагичниот настан во градот Кочани.
Градоначалникот Ерве уште еднаш ја подвлече важноста д-р Анастас Коцарев чие последно почивалиште по волја на судбината се наоѓа на гробиштата на нивната општина, и дека д-р Коцарев претставува камен-темелникот на пријателството меѓу Бонди и Охрид. Градоначалникот Ерве потсети дека во сабота, како и секоја година ќе биде достојно ќе одбележана годишнината од неговото раѓање и смрт, настан кој спаѓа во редовната годишна програма на општината за одбележување на настани.
Градоначалникот на Охрид – Кирил Пецаков истакна дека Охрид, градот на УНЕСКО, како непроценлива историска ризница преку ликот и делото на д-р Коцарев е збогатен со уште една уникатна приказна, човек кој се родил во нашиот град и оставил бесценето наследство за човештвото. „Општина Охрид веќе отпочна низа подготовки и активности со цел името на д-р Коцарев да го добие своето заслужено место во мозаикот на непроценливи вредности, и сите овие наши активности нема да бидат комплетни ако тука не бидат вклучени и Франција и Швајцарија, неговите втори татковини каде по волја на судбината и животните патишта таму студирал, работел и ги создал неговите највредни наоди и научни трудови. Токму во таа насока, мојот тим веќе работи на усогласување на меморандум за соработка со општина Бонди, како прв чекор кон збратимување и воспоставување на партнерство помеѓу двете општини. Тука не ја исклучуваме и Швајцарија, односно Женева и Лозана, каде се чувствуваат длабоки траги од неговото присуство и дејност на почетокот од 20 век,“ заврши Пецаков.
Поранешниот претседател на МАНУ, денес член на Претседателството на Академијата, академик Љупчо Коцарев изрази благодарност до организаторите за честа која му е дадена да се обрати на овој настан и да зборува за луцидниот научен дух на д-р Анастас Коцарев и борецот за правата на македонскиот народ кој со својата работа оставил трајни белези во светот и во Македонија. Академик Коцарев зборуваше за грандиозното дело кое зад себе го остави д-р Коцарев кое сеуште е присутно во научните кругови и дека неговите научни трудови сеуште, и денес се цитирани во медицината. Академик Коцарев го повика политичкиот врв во Македонија да не отстапува од програмата на д-р Анастас Коцарев за независна Македонија, а тоа значи дека македонскиот супстрат го сочинуваат Македонците што живеат во државата Македонија и оние во соседството и низ целиот свет, а јазикот што го зборуваат Македонците, македонскиот јазик, има просторен и милениумски континуитет. Академик Љупчо Коцарев потсети и побара поголем удел и придонес на Македонската академија на науките и уметностите, односно нејзината предодредена улога како водилка во наоѓањето на патот за достоинствена иднина на Македонија и за нејзините граѓани.
Внуката на д-р Анастас Коцарев, д-р Соња Коцарева-Трпезановска како претставник на семејството Коцареви фрагментирано ја претстави биографската книга за нејзиниот дедо (во подготовка), како и необјавени писма, документи и фотографии од животот и активностите на нејзиниот дедо.
Прикажан беше и документарниот прилог „Заборавени македонски умови“ посветен на д-р Анастас Коцарев и реализиран во 2011 година под водство на проф. д-р Божин Доневски по текст на д-р Соња Коцарева-Трпезановска.
Музичкиот дел по повод 135 години од раѓањето на д-р Анастас Коцарев беше во рацете на македонската пијанистка Викторија Митевска-Малезан, која беспрекорно го изведе полско-францускиот композитор Фредерик Шопен во „прекината форма“ и се откажа од аплауз на публиката за да се даде целосна мирна почит кон прерано прекинатите млади животи кои згаснаа во Кочани.
ЧЕСТВУВАЊА ВО ПАРИЗ – БОНДИ
Чествувањата за д-р Коцарев продолжија во саботата, на денот на неговата смрт на старите општински гробишта во париската населба Бонди, каде секоја година се оддава почит на овој истакнат македонски онколог кој под неразјаснети околности починал во хотелот во кој престојувал во Париз ноќта меѓу 28 и 29 март 1931 година.
Градоначалникот на Бонди Стефен Ерве пред гробот на д-р Коцарев уште еднаш ги реафирмира силните француско-македонски културни врски и алката на поврзаност меѓу Охрид и Бонди изразени преку ликот и делото на д-р Коцарев и неговата трагична судбина и прерана смрт кои скоро еден век го оставија научникот да биде заборавен од светот. Од име на општината, градоначалникот Стефен Ерве во придружба на советникот за култура и одбележување настани Отман Асади положија венец свежо цвеќе на гробот од д-р Коцарев.
Од македонска страна, цвеќиња на гробот положија претседателката на здружението „Заборавени Македонци“ Соња Кировски и Илија Бундевски од здружението „Илинден 1903“ и претставници на Националниот совет на Македонците од Швајцарија, Пецо Надановски и Златко Николовски.
Претседателката на здружението „Заборавени Македонци“ Соња Кировски се заблагодари на градоначалникот Ерве од име на здружението и од име на македонскиот народ за изразеното сочувство по повод трагедијата во Кочани и ја реафирмира континуираната соработка меѓу општина Бонди и општина Охрид во планираните проекти кои ги зближуваат двете општини преку научните достигнувања на д-р Коцарев. Претседателката Соња Кировски ја цитираше македонската претседателка Сиљановска-Давкова дека „големите научници како д-р Коцарев ја бришат разликата меѓу малите и големите држави и малото го прават големо.“
Фотографии:
*Кабинет на претстедателката Гордана Силјановска-Давкова
**Здружение „Заборавени Македонци“
***Музеј на македонската борба за самостојност