Првата работна средба при посетата на Прилеп министерот Љутков ја остварил со директорката на НУЦК Марко Цепенков за да се согледаат недостатоците кои беа нотирани од Инспекторатот и поради кои големата сала при центарот и прилепскиот театар се забранети за употреба за масовни приредби и претстави.
– Институциите во Прилеп Центарот за култура и Театарот биле оставени на забот на времето и ова долгогодишно неодржување и долгогодишен неслух. Направивме една динамика, до понеделник ќе ги имаме конкретните предлози и решенија. Доаѓа и Фестивалот Војдан Чернодрински во Прилеп, имаме план како да ги отстраниме овие недостатоци и прво да го отвориме Центарот за култура, а потоа да пристапиме кон недостатоците и кон самиот театар, одговори на новинарско прашање министерот Љутков.
Посетата на министерот била со единствена цел да се посочат конкретни решенија за надминување на проблемите до почетокот на МТФ Војдан Чернодрински.
– Мојата намера и цел да го посетам денес Прилеп беше токму тоа, да донесеме побрзо решенија и многу побрзо да пристапиме кон решавање на проблемот. И не се надевам,туку знам дека до почеток на игрите во Прилеп двата објекти ќе бидат ставени во функција на Фестивалот, а понатаму ќе одиме со дополнителни активности каде што со поинаква динамика ќе ги решаваме поголемите проблеми со кои се соочуваат националните установи од областа на културата во Прилеп, рече министерот Љутков.
Прашањето за нов театар во Прилеп останува да се решава по завршувањето на поголемиот дел од веќе отпочнатите капитални проекти. Што значи проектот за нова театарска зграда ќе почека до подобри времиња.
– Во 7 годишна динамика на Министерството за култура од претходната власта еве популарно кажано шајка не е удрено во ни еден објект во културата и после 7 години истите проблеми и истата димамика која што сме ја оставиле и во 2016/17 та година, воопшто ништо не е чепнато и сега ние не само што продолжуваме да ги доработиме проектите, туку се соочуваме и со проекти кои што се во уназадена фаза. Некаде има проекти кои што се стопирани, и повторно треба да се почнат, јавни огласи, да правиме повторно преиспитување и на сумите и на целите објекти и тоа не’ враќа години, години назад. Некаде околу 60 до 70 милиони евра сме отворени во делот на капиталните инвестиции кои што треба да ги завршиме до крајот на мандатот. Затоа и овие проекти кои што нее се започнати ги ставивме во програмата 2024/34 та – проекти кои што се веќе готови, изработена е проектната документација како што е Центарот за култура Прилеп на Театарот, но се’ додека не се завршат поголемиот дел од сегашните капитални проекти кон нови нема да можеме да пристапиме бидејќи и реално тоа е Буџетот со кој што располагаме, посочи министерот Зоран Љутков.