Во фоајето од ЦК „Марко Цепенков“ на 15 април 2025 (вторник) од 19.00 часот ќе се одржи шестиот дел од проектот „Процеп во процес“ при што ќе биде претставена книгата – „Магла и месечевина“ од Меша Селимовиќ, промоција на македонскиот превод. Промотор на промоцијата е преведувачот на книгата, Ѓоко Здравески, а модератор на настанот е Александар Еленин.
Гласовите од минатото многу подлабоко и помоќно одекнуваат кога ќе го надживеат вртлогот на времето. Живееме доба кога преживуваме (иако не на своја кожа, но последиците ги чувствуваме) неколку траорни војни, чии текови преку медиумите ни се пласираат како некој вид на бизарен воајеризам и „шоу бизнис“ производ. Токму во тој период, на читателската публика во Македонија ѝ пристигна преводот на македонски јазик на делото „Магла и месечевина“ од Меша Селимовиќ. За ова четиво самиот Селимовиќ ќе каже дека е неговото артистички најуспешно дело.
„Ова е текст на молкот, кој чудесно се наметнува врз сè што ликовите зборуваат. Војната е вплетена и како општествена позадина, но и како борба во самиот човек, бидејќи се прикажуваат човечките искушенија во немирни времиња, додека во совеста наликовите се случува голем внатрешен судир“, се вели во краткиот опис за книгата поместен на задната страница од македонското издание кое за нашата публика пристигна во 2024 година.
Психолошки длабоко профилираните ликови во романот кои ја преживуваат Втората Светска војна и префинетата, суптилна нарација проткаена со лирски финеси и еден сеприсутен гласен молк, во превод на македонски јазик ни ги пренесува преведувачот Ѓоко Здравески, кој оваа вечер ќе говори за овој краток роман на Селимовиќ.
Издавачот Жарко Кујунџиски од издавачката куќа „Антолог“, која го издаде македонскиот превод на „Магла и месечевина“, за ова издание вели дека проект со кој сакале постепено и темелно да го опфатат книжевниот опус на Меша Селимовиќ, со што некои дела за прв пат ќе бидат издадени во превод на македонски јазик.