Во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ на 16 април (среда) од 18 часот ќе биде отворена изложбата „Арте(фициелни)факти во проширена реалност“ од уметницата Марија Трпеска. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам во програмата за 2025 година.
Проектот „Арте(фициелни)факти во проширена реалност“се фокусира на Ромите и ромската култура, стереотипите поврзани за Ромите и колку се тие прифатени и видливи во општеството како рамноправни граѓани во нашата држава. Поставката ја сочинуваат видеа, фотографии и објекти, реализирани со соработници и ко-автори на проектот кои ја доловуваат проширената реалност која не е стереотип за Ромите и ромската заедница, напротив, уметничката продукција ќе се обиде да ја претстави онаа страна на заедницата на која многу малку и се обраќа внимание: успесите, заложбите, изминатиот пат во борба со системот и надежта за подобро утре.
Марија Трпеска дипломирала на ФЛУ Скопје во 2017 година отсек ликовна педагогија со сликарство. Во моментот е на постдипломски студии на ФЛУ Скопје – отсек сликарство. Нејзината уметничка работа има интердисциплинарен карактер. Третира социјални теми и преку нејзините дела дава на значаење на личности или групи кои се поврзани со уметноста, потенцирајќи ја нивната уникатност, важност и улога во општеството. Добитник е на наградата „Четирите мајстори на модернизмот“ во 2017 година.