Јавен собир и блокада на патниот правец Врбјани – Кривогаштани од граѓаните, жители на околните села. Со трактори, автомобили и во голем број граѓаните од утринава патот го затворија и не дозволуваат градежната механизација да го урива мостот на регионалната патна делница Прилеп – Крушево кај Врбјани.
„Бараме прво привремен пат, па потоа уривање на мостот кај селото Врбјани“ велат граѓаните за кои изминатава година сообраќајот на оваа патна делница во реконструкција им зададе големи проблеми за обавување на секојдневните обврски.
Изведувачот на градежните работи за реконструкција на регионалниот пат Прилеп–Крушево деновиве најави целосен прекин на сообраќајот поради уривање на постоечкиот мост кај селото Врбјани кој што е единствен на овој регионален пат. Со негово уривање, а без алтернативно решение повеќе села и неколку општини ќе останат без можност да патуваат и да ги обавуваат редовните обврски.
„Од 09:10 часот, сообраќајот на оваа делница е целосно блокиран во двата правци. На терен се присутни надлежните служби, а засега нема информации за тоа колку долго ќе трае блокадата.
Возачите се предупредуваат да користат алтернативни патни правци и да бидат внимателни доколку се движат во овој регион,“ известуваат од АМСМ.