Во просториите на Општина Прилеп вчера се одржа конститутивната седница на Управниот одбор (УО) на јавното претпријатие за енергетски дејности „Енерго-Прилеп” – Прилеп, на која од редот на именуваните членови се изврши избор на претседател на УО и негов заменик. На седницата, за претседател на УО едногласно беше избран Жарко Стеваноски, правник, кој го презеде заседавањето со УО од Игор Спиркоски, како лице кое со одлука на Советот на општина Прилеп е овластено да раководи со работите на јавното претпријатие до неговото конституирање.
Она што претставува вистински раритет кога е во прашање функционирањето на јавните претпријатија, е дека сите членови на УО на ЈПЕД „Енерго-Прилеп”-Прилеп го прифатиле предлогот на Стеваноски за откажување од правото на финансиски надоместок кое им следува како на членови на Управниот одбор.
„Сакам да им се заблагодарам на сите членови на УО, кои го прифатија мојот предлог за целосно откажување од правото на надоместок за работа со седниците на УО, се’ до истекот на мандатот за кој сме именувани од страна на Советот на општина Прилеп. Се надевам дека нашиот чекор ќе го следат членовите на управните и надзорните одбори и во останатите јавни претпријатија. Сметам дека на таков начин не само што ќе ја промениме генералната перцепција кај граѓаните дека управните и надзорните органи во јавните претпријатија единствено служат за вдомување и материјално обезбедување на подобни партиски кадри, туку ќе овозможиме низ ваквиот процес да се изврши природна селекција на квалитетни кадри кои преку волонтерскиот ангажман, практично ќе го докажат својот придонес кон општото добро на граѓаните. Таквото искуство, се разбира, ќе можат да го искористат за понатамошно напредување во нивната професионална определба“, нагласи претседателот на УО на ЈПЕД „Енерго-Прилеп”-Прилеп, адвокатот Жарко Стеваноски.
После завршувањето на конститутивната седница и извршениот избор, претседателот на УО на ЈП „Енерго-Прилеп” – Прилеп, адвокатот Жарко Стеваноски, рече дека новоформираното јавно претпријатие е од огромно значење за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните на општина Прилеп.
На првата седница, УО на ЈПЕД „Енерго-Прилеп”-Прилеп расправаше по три точки од дневниот ред: донесување на статут на јавното претпријатие, формирање на привремена комисија надлежна за изготвување на деловник за работа и утврдување на висината на надоместокот за работа на членовите на УО. Стеваноски нагласува дека на седницата, која беше од затворен карактер, се водела конструктивна дебата, меѓу другото и за донесувањето на статутот на претпријатието. Во текот на денешниот ден, до Советот на општина Прилеп ќе биде поднесен предлог за добивање согласност на донесениот статут, со што практично ќе се овозможи отпочнување на процесот на подготовка и на останатите формално правни акти, со кои ќе се регулира работењето на претпријатието.
Извор: www.publikum.mk , пишува Зоран Милошоски